Ана Крстаноска / Фото: Приватна архива

Кујнското катче на Ана Крстаноска: Домашен бурек со месо

Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).

Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.

– Спремањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.

Денеска Ви го претставуваме нејзиниот рецепт за домашен бурек со месо.

– Подготовката на овој бурек е нешто на што сум многу горда, а вкусот е толку добар што сигурна сум дека веќе нема да купам бурек од пекарница – вели Крстаноска.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

  • 500 гр кори за пита
  • 450-500 гр мелено месо
  • 1 главица кромид (ситно исечкан)
  • 60 мл масло за јадење
  • 400 мл минерална вода
  • сол/бибер по вкус

Подготовка:

Најпрво запржете го кромидот, а потоа додајте го месото и подгответе го како што обично правите. Намрсете ја тепсијата во која ќе го печете бурекот. Во посебен сад, измешајте вода и масло – оваа мешавина ќе ја користите за прскање на корите.

Ставете две кори во намрсената тепсија, така што нивните краеви да висат надвор. Додадете трета кора на истиот начин, потоа рамномерно распоредете малку месо и напрскајте со мешавината од вода и масло (околу две лажици). Ставете нова кора и повторете ја постапката од претходниот чекор. Наредната кора посипете ја со месо само на краевите на тепсијата, па напрскајте со течноста. Соберете ги краевите од корите што висат и приберете ги внатре, благо притискајќи ги. Повторно напрскајте. Продолжете со редење – два пати по една кора, потоа месо, па мешавината од вода и масло. Третиот пат, месо ставете само по страните. Повторно соберете ги краевите кон внатрешноста и напрскајте. Повторувајте ја оваа постапка додека не ви останат последните две кори. Тие ги поставувате така што нивните краеви ќе висат надвор, а потоа ги виткате навнатре. Останатата течност рамномерно истурете ја врз бурекот.

Печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 45 минути или додека не добие златно-кафеава боја. Ако забележите дека бурекот не е доволно мрсен додека се пече, премачкајте го со малку масло. Откако ќе се испече, покријте го со чиста крпа и лесно напрскајте ја со вода. Пред да го превртите, внимателно засечете ги страните со нож.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот