Крушевчани ги пречекаа илинденските коњаници

Фото: МИА

Со леб и сол, со поздрав и аплауз, крушевчани вечерва ги пречекаа илинденските коњаници пред столбот на Крушевската република кај црквата „Свети Никола” во центарот на градот. Преку 80 коњаници пристигнаа од три страни и се од повеќе места. Меѓу нив се коњаниците од Горно Лисиче, од манастирот Бигорски, од Кичевско.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски ги поздрави илинденските коњаници, нагласуваќи дека ова е повеќедецениска традиција која  е во чест на големиот национален празник Илинден.

– Веќе неколку децении продолжува традицијата на доаѓање на илинденската коњаница од повеќе правци кон Крушево. Традиционално со леб и сол се пречекани пред столбот на Републиката. Со ова ги започнуваме чествувањата во рамките на „10 дена Крушевска Република”. Нашата порака е достоинствено и сите заедно да си го празнуваме овој празник, кој е на сите нас – рече Христоски.

Годинава, Научно-културните средби „10 дена Крушевска Република” нудат богата програма чиј дел се илинденските коњаници.

– Со доаѓањето на коњаниците ги означуваме чествувањата за Илинден во рамки на „10 дена Крушевска Република”. Утревечер е свеченото отворање и сите денови манифестацијата нуди богата програма со концерти, пејачки групи, настани, театарски претстави сите десет дена – нагласи секретарот на манифестацијата Трајче Шекрески.

Коњаниците од центарот на Крушево се упатија кон Гумење, каде посетителите ги пречекаа срдечно. Според нив, ова е неописливо чувство да се пристигне во Крушево за Илинден. Александар Трајковски е дел од групата од 21 коњаник од коњаницата „Горно Лисиче 1978″.

– Јас учествувам првпат и чувството е неописливо и сум посебно горд што стигнавме во Крушево. Патувавме пет дена – рече Трајковски.

Седумнаесетгодишната Марија Стамболиска од коњаницата од Горно Лисиче вели дека во семејството имаат илинденски традиции.

– Имам 17 години и првпат јавам. Убаво е чувството да си дел од ваква манифестација. Мојот татко јаваше во 2012 година. Имаме семејна историја зашто мојот прадедо бил илинденец. Ова е наше наследство и сме горди – изјави Стамболиска.

Според Перо Цаца од коњаницата од Горно Лисиче ова е потсетување за младите генерации.

– Ова е потсетување за младите да дознаат што и како било, сето проткаено на културен план. Мислам дека никогаш нема да заборавиме кои сме биле и што сме – рече Перо Цаца.

Коњаницата „Патот на Црешовото топче-манастир Бигорски” учествува 10-ти пат и брои 15 коњаници.

– Коњаницата од манастирот Бигорски слави своевиден јубилеј, учествува 10-ти пат. Гордоста и симболиката се големи. Пред почетокот на Илинденското востание, монасите од манастирот Бигорски изработиле две црешови топчиња и по истиот пат, по кој ние јаваме, ги донеле на Гумење каде е означен почетокот на Илинденското востание – објаснува Јован Мазаровски.

Своевиден, петгодишен јубилеј на учество има и коњаницата од Кичевско. Сѐ е во чест на националниот празник и загинатите борци, смета Станое Станојоски.

– Тргнуваме од манастирот „Пресвета Богородица Пречиста” од Кичево веќе пет години. Ние сме 15 коњаници. Самиот ден Илинден е еден од најголемите празници за Македонците и сакаме да им оддадеме почит на сите кои ги положија живототите за време на Илинденското востание, во НОБ и другите настани – рече Станојоски.

Илинденската коњаница ќе биде на Гумење утревечер при свеченото отворање на манифестацијата „10 дена Крушевска Република”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот