жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Десет години живот со Брегзит

Десет години по контроверзниот референдум што со ништо предизвикан го објави тогашниот премиер Дејвид Камерон во 2016 година, добро време е да се направи оценка што доби земјата со тоа што 51 отсто решија Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија. Што има направено Европската Унија за Велика Британија?

Се сеќаваш ли на Брегзит, го прашувам комшијата Џон (оној што ни ги полева цвеќињата кога сме на одмор, кому му го шетаме кучето од време на време и кому никогаш не му е ладно и шета со маица со куси ракави освен кога ќе падне снег). Што беше тоа, ме прашува, знаејќи добро дека ние никогаш не правиме муабет за политика. Брегзит Џон, она кога целата нација се расправаше и се објаснуваше за важни работи, како, на пример, за знамињата и за убавите времиња кога Британија царуваше со светот, а сонцето никогаш не заоѓаше во империјата – толку беше голема што секогаш некаде беше дење. Па настрана тоа, го разглобувавме членот 50 и до ниедно време расправавме, меѓу другото и за најважното – што тоа Европејците имаат направено за нас. Што ме потсети на кавгата од Монти Пајтон меѓу Народниот фронт на Јудеја и Јудејскиот народен фронт, потенцирајќи го соперништвото меѓу двете групи и апсурдноста на поделбите. Што имаа направено Римјаните за нас, прашува едната фракција? Ништо, вели другата. Освен што ни направи водоводи, вели другата. О Кеј, ама освен водоводи, што друго? Направи и канализација. Добро, освен водоводи и канализација, ништо друго. И патишта, Римјаните направија широка мрежа на патишта, наивно потсетува другиот. И јавни бањи, ни направија и јавни бањи… воведоа систем за образование… напредни лекарски практики… наводнување… воведоа календар и стандардизирана валута и… Ама добро, вели оној најупорниот од првата група, освен водоводите, наводнувањето, патиштата, јавното здравство, канализацијата, јавните бањи… што имаат направено Римјаните за нас?!

Десет години по контроверзниот референдум што со ништо предизвикан го објави тогашниот премиер Дејвид Камерон во 2016 година, добро време е да се направи оценка што доби земјата со тоа што 51 отсто решија Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија. Што има направено Европската Унија за Велика Британија? Па ете, на пример, пристап до заедничкиот пазар со 500 милиони потрошувачи, слободно движење на луѓе, добра и услуги и капитал што значително ја поттикнува трговијата и економскиот раст. Дополнително, фондови за разни програми, меѓу кои и земјоделството и регионалниот развој. Членството во ЕУ придонесува и за економска стабилност обезбедувајќи рамка за трговски договори и правила. Стабилноста помага за привлекување странски инвестиции во Обединетото Кралство, да се биде во ЕУ значи…

Добро, освен пристап до заеднички пазар, раст на економијата, поттикнување на трговијата, економска стабилност, фондови за разни програми, раст на земјоделството, регионален развој итн., што има направено ЕУ за ЈуКеј?

Новите анкети велат дека денес да се гласа, најмалку 55% би гласале за приклучување во Европската Унија. Од анкетираните 10.000 луѓе, само 32 отсто би останале надвор. Па дали Брегзитот беше лоша идеја? Голем број медиуми и институции ги користеа сите можни параметри да оценат дали ветувањата кои архитектите на Брегзит Борис Џонсон и Најџел Фараж ги даваа, со тврдења за намалување на имиграцијата, со постери за орди имигранти (меѓу кои и од Македонија) што се на пат за Британија, за зголемување на трговијата со партнери надвор од ЕУ со британски правила, за живот надвор од „стегите“ за трговија и, ако се сеќавате, за повеќе пари за јавното здравство, со тврдење на црвениот лондонски автобус дека ЈуКеј ѝ дава на Унијата 350 милиони фунти неделно, пари што можат да се искористат за финансирање на домашното здравство.

Економистите на Блумберг велат дека Брегзитот ја чини земјата некаде околу 200 милијарди фунти годишно. Британија склучува трговски договори, но тоа не ја надомести трговијата со ЕУ, каде што сега треба да се пополнуваат екстра фактури, документи и дополнителна бирократија за голем број бизниси, особено за помалите. Јавното здравство доби некои пари, ама не од оние наводните 350 милиони фунти неделно и страда од недостиг на кадри, зашто европските решија да си одат дома. Ветувањата за пониска имиграција не се остварија. Напротив, имиграцијата се зголеми, посебно незаконската. А Британците сега чекаат во редици за влез во ЕУ, (добро, чекањето во редици е национален спорт, двајца да се наредат, веднаш зад нив се прави редица чекачи) ама ова создава многу нервози и незадоволства, а посебно огорчени се оние што имаат имоти некаде низ ЕУ.

Дали Обединетото Кралство направи грешка со Брегзитот? Да бидеме отворени и искрени – да! Многу малку од она што се ветуваше е остварено, а десет години поминаа. Сега се прават напори да се премостат препреките и да почне побрзото приближување на ЈуКеј кон ЕУ, но тоа ќе биде долг и макотрпен процес. А и состојбите на светската сцена не погодуваат на стабилно и мирно преговарање. Има глобално затоплување и последици од него, има војни, има Русија која се меша во британските внатрешни работи, има домашни профитери и инаетчии, има седум премиери за десет години, има раст на цени и пад на стандардот…

Кога и комшијата Џон се изјасни дека „не бил среќен“ со Брегзитот, значи дека и на најнеутралните им дојде преку нос. Значи која лекција ја научивме? Никогаш не верувај на она што е напишано на автобус…

(Авторката е новинарка)

Писма од Лондон

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот