Ковид е во Македонија, но без паника: Се испитуваат варијантите, има и тестови и вакцини

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Наскоро ќе се знае кои варијанти на ковид-19 циркулираат во Македонија, тврди за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести. Минатите месеци се правеле обиди од страна на Институтот за јавно здравје да се соберат доволен број на примероци, односно материјали врз основа на кои ќе се врши секвенционирањето и тие се собрани, а резултатите ќе бидат објавени наскоро.

-Со Институтот за јавно здравје веќе некој период сме во комуникација да се изврши секвенционирање за да знаеме кои варијанти циркулираат кај нас. Но, во август имаше 112 случаи, а во јули 23 случаи на ковид и немаше доволно материјал за да се изврши секвенционирањето. Тешко беше да се собере репрезентативен материјал за секвенционирање на вирусот.  Сега се собра материјал и наскоро ќе ги имаме резултатите и ќе знаеме кои варијанти се актуелни кај нас, изјави доктор Мехмедовиќ за „Слободен печат“.

Во земјава и понатаму достапни се вакцните против ковид-19 кои беа актуелни во изминатите бранови од пандемијата, а новите вакцини, прилагодени на поновите соеви не се достапни никаде во Европа па ни кај нас, тврди доктор Мехмедовиќ.

– И двовалентните вакцини кои ги имаме во земјава во количина од 50 илјади дози се ефикасни. Симптомите на ковид се исти како и кај настинка или како кај алергиска реакција. Тоа се течење на носот, болка во грлото, температура, болки во зглобовите, малаксаност. Тешко се разликуваат од другите вируси актуелни во есенскиот период. Кај асимптоматските случаи не се препорачува тестирање. Тестирањето се препорачува само во координација со матичен лекар и ако пациентот има симптоми. Тестовите се достапни во Институтот за јавно здравје и има доволно на располагање, вели тој.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести пред една недела информираше дека во сите вакцинални пунктови  во САД се достапни новите, апдејтирани вакцини против ковид-19, дизајнирани за да ги таргетираат вирусните варијанти на ковид кои што моментално циркулираат. Во САД тие се препорачани за сите постари од 6 месеци и се на Фајзер. Станува збор за вакцина адаптирана да заштитува од варијантата XBB.1.5. Oваа варијанта се појави пред неколку месеци и го задржа вниманието на вирусолозите зашто содржи повеќе мутации да го избегне имунолошкиот одговор отколку другите варијанти. Оваа варијанта прави вирусот да биде попренослив бидејќи има мутација што помага вирусот подобро да се сврзе за клетките.

Од Здравствениот дом Скопје за „Слободен печат“ велат дека функционира нивниот пункт за ковид вакцинација во поликлиниката Бит Пазар. Таму има вакцини за оние кои што сакаат првпат да примат ковид вакцина и тоа граѓаните може да го направат со вакцина од „Синовак“, а за бустирање има вакцини од „Фајзер“. Но, интересот кај граѓаните за вакцинација е мал.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека ризикот од срцеви компликации, вклучително и миокардитис кај машки индивидуи на возраст од 12 до 17 години е 1.8 до 5.6 пати повисок после инфекција со ковид отколку после ковид вакцинација.

Комисијата за заразни болести препорачува граѓаните кои одат во здравствените установи задолжително да носат маски. Овие препораки за маски не се однесуваат за ниедна друга локација засега, освен за здравствените установи. Во домовите за стари лица и во јавниот градски превоз граѓаните не употребуваат маски иако тие ја намалуваат можноста за пренос на коронавирусот особено таму каде што има загрозени групи подложни на тешки компликации.

Во последно време, во земјите од регионот е актуелна ковид варијантата „Ерис“ (ЕГ.5). Светската здравствена организација ја прогласи оваа варијанта за „варијанта од интерес“ во август, посочувајќи дека таа не е поголема опасност за јавноста отколку другите варијанти. „Ерис“ го привлече вниманието на медицинската јавност затоа што брзо се прошири во САД, со проценки дека опфаќа 17 проценти од случаите таму, а детектирана беше во Кина, Јужна Кореа, Јапонија и Канада. „Ерис“ предизвика зголемен број на ковид позитивни лица во Србија, 1.529 минатата недела. Од коронавирусот нема смртни случаи, а во болниците моментално нема хоспитализирани лица. Епидемиолозите очекуваат зголемен број на настинки, а причинителите нема да бидат само ковид туку и грипот, аденовирусите, риновирусите, како и респираторниот синцицијален вирус.

Србија не е единствената земја од регионот во која се бележи зголемување на позитивните случаи на ковид-19. Во Албанија, како што соопшти Институтот за јавно здравје, позитивен тест е добиен кај 40 проценти од тестираните, односно од 2 илјади тестови, 900 биле позитивни. Лекарите препорачуваат граѓаните да работат на подобрување на својот имунолошки систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот