Косово ќе им исплаќа по 120 евра месечно на мигрантите депортирани од САД
Вршителот на должноста влада на Косово одобри одлука за спроведување на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со привремениот прием и сместување на граѓани од трети земји на територијата на Косово.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според одлуката објавена од извршната власт, овие лица ќе продолжат да ги почитуваат важечките закони на Косово и ќе ги уживаат сите права предвидени со закон.
Станува збор за 50 лица, кои ќе бидат финансиски поддржани од Косово со 120 евра месечно. Косовските новинари повеќе детали за оваа соработка со стратешкиот партнер САД и за пристигнувањето на првите протерани имигранти побараа од в.д.премиерот Албин Курти.
„Треба да разберете дека нашите правни тимови тесно соработуваат со американските партнери за да ги разработат деталите. Можете да добиете технички одговори во врска со ова во Министерството за внатрешни работи“, рече Курти.
Сепак, ова министерство не даде дополнителни појаснувања за телевизијата Дукаѓини во врска со донесената одлука. Портпаролот на владата, Перпарим Криезиу, исто така изјави дека во моментов нема дополнителни информации што можат да бидат објавени. Од друга страна, Валдет Хоџа, поранешен заменик-министер за внатрешни работи, ја опиша оваа акција како мудра и корисна за односите со САД.
„Според мене, ова е разумна и стратешки важна одлука за Владата на Косово. На овој начин успеавме да ги зајакнеме врските со САД и добивме поддршка од Стејт департментот на САД. Главната придобивка е што сме ценети како сигурен партнер од страна на САД“, изјави тој.
Според владината одлука, изборот на лица ќе се врши од предложен список, врз основа на критериуми поврзани со почитување на јавниот ред и владеењето на правото.
Од почетокот на мандатот на претседателот Трамп, неговата администрација ја разгледуваше можноста лицата без соодветна документација и со правни проблеми во САД да бидат преместени во други земји.


