Конечно започна доградбата на патарината Миладиновци – ќе се воведе и плаќање со таг и смарт-картички
Од Јавното претпријатие за државни патишта информираа дека започнува доградбата и проширувањето на наплатната станица Миладиновци, со што конечно ќе се прошири една од најфреквентните патарини во Скопскиот Регион, но и во државата.
Препорачано
Од ЈПДП соопштија дека со проектот за доградба, на оваа патарина ќе се овозможи електронска наплата со смарт-картичката „М – кард“ и уредот за бесконтактна наплата „М – таг“.
-Јавното претпријатие за државни патишта започнува со реализација на проектот за доградба на наплатната станица Миладиновци, кој претставува значаен чекор во модернизацијата на системот за наплата на патарини во државата. Со овој проект ќе се воспостави електронска наплата на патарина на наплатната станица Миладиновци, со користење на бесконтактни смарт-картички и уред за електронска наплата – таг, што ќе овозможи побрз проток на возилата, поголема ефикасност и зголемен комфор за корисниците на автопатот- информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека овој проект е дел од договорот за изградба на патарини долж Коридорот 8 и на автопатот Миладиновци – Штип, кој е на принцип „клуч на рака“ и преку кој се целосно доградени и пуштени во употреба патарините Преод, Кадрифаково, Глумово и Желино, а средствата се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој.
Поради градежните работи на наплатната станица Миладиновци, од Државни патишта апелираа до возачите да го пренасочат своето движење кон наплатната станица Петровец со цел намалување на времето на чекање и овозможување побрз проток на сообраќајот.


