Комуналците чистат, граѓаните пак создаваат дива депонија

Поради ваквиот проблем влезовите кон оваа патека ќе бидат затворени со заштитни столпчиња, со забрана за пристап до локацијата на секаков вид возила.

Стари гуми, лимени остатоци, градежен шут и секакво друго ѓубриште постојано се трупа на дивата депонија во Кадриово Маало, покрај патеката што ги спојува населените места Хиподром и Инџиково. За тоа колкава е негрижата на жителите кои живеат во овие населени места, а шутот и другиот отпад ги фрлаат на овој простор, говори и фактот дека општинските комунални служби повеќепати ја чистеа оваа дива депонија, но набрзо потоа, несовесните граѓани повторно ја формираат на истото место.

– Повторно се расчистува депонијата во Кадриово маало. Секоја година иста локација, иста приказна. Екипите на ЈКП „Гази Баба 2007“ расчистуваат, а за ден-два направена е повторно депонија – информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

На својот фејсбук-профил тој пишува дека поради ваквиот проблем влезовите кон оваа патека ќе бидат затворени со заштитни столпчиња, со забрана за пристап до локацијата на секаков вид возила.

– Борбата со дивите депонии ја водиме континуирано и ќе продолжиме, но потребна ни е и поддршка од вас, за да можеме заедно да ја кренеме свеста на повисоко ниво кај секој наш сограѓанин – вели Георгиевски.

Дел од граѓаните сметаат дека проблемот ќе се реши доколку за вакво нешто, фрлање градежен шут на недозволено место, се пропишат високи парични казни. Според нив, само доколку надлежните „удрат по џебот“, несовесните граѓани ќе почнат да размислуваат и за општото добро.

Дивата депонија во Кадриово Маало, повторно се чистеше деновиве, а тоа предизвика низа коментари на социјалните мрежи од граѓани кои го осудуваат несовесното однесување на своите сограѓани.

– Неодговорни граѓани, а зборуваме дека власта не чисти. Прво ние не сме одговорни за одржувањето на хигиената. Не знам дали може да се стави камера за да се снимаат тие што фрлаат и потоа само пишувај казна, за друг пат да не им текне и да бидат совесни. Додека вистински не почнат казните нам нема да ни дојде умот – коментира Наде Д.

Проблемот со дивите депонии низ Скопје е секојдневен, а комуналните претпријатија постојано преземаат активности за нивно расчистување. Сепак, сѐ додека не се подигне свеста на дел од граѓаните за чиста животна средина, проблемот нема да се надмине и покрај ангажманот на комуналците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот