Комуналците го оставија Скопје да стане депонија, ќе одговара ли некој?
Од „Комунална хигиена“ упорно не одговараат дали имаат проблеми со механизација или им недостасуваат вработени, иако неофицијално дознаваме дека состојбата на претпријатието не е розова – биле расипани голем број од ѓубрарките, а немале ни резервни делови за поправка.
Скопје се дави во ѓубре, преполните контејнери се „прелеваат“ и смрдат низ градот, кантите за комунален смет со недели не се празнат низ населбите, а градските комуналци никаде ги нема и молчат како ова да е обврска што треба да ја сработи некој друг.
Препорачано
Ѓубрето остана несобрано и изминатиот викенд, а граѓаните што во неделата одеа да гласаат на локалните избори, споделуваа фотографии од депониите формирани околу садовите за отпад апелирајќи до надлежните да се фатат за работа и потсетувајќи дека целиот град е претворен во големо сметиште.
Живеам во Карпош 1 и досега прилично редовно се празнеа контејнерите. Но викендов не поминаа од „Комунална“ и утрово нè пречекаа преполни контејнери. Од Карпош до плоштад денеска се движев пеш по работа и буквално немаше контејнер во должина на Партизанска што не беше преплавен со ѓубре. Срамно е ова што се прави, се усмрдевме и ќе се испозаразиме. По улиците стаорци наместо мачки ќе ни шетаат – револтирано коментира Александар, жител на Карпош.

Фотографии што ја прикажуваат ужасната нехигиена на скопските улици се споделуваат и за Ѓорче Петров, Автокоманда, Аеродром, Керамидница како и од други населби.
Граѓаните на целата мака се шегуваат и за ветувањето на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој рече дека штом стане градоначалник, за 72 часа ќе го исчисти отпадот од градот.
Ништо, не победи во прв круг, ќе мораме да живееме во смрдеа уште две недели –коментира скопјанец.
Новата работна недела и центарци ја започнаа со нечисти контејнери и мини депонии околу нив затоа што „Комунална хигиена“ веќе подолг период не си ги завршува редовно обврските, па таму „за метла“ повторно се фатија општинските хигиеничари.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски поради ваквата состојба најави дека за собирање на сметот ќе бидат ангажирани поголем број хигиеничари што од денеска ќе работат во две смени за одржување на хигиената на највисоко ниво.
Утрово, но и од она што го видовме викендов, повторно е хаотично со сметот. Уште денеска се фаќаме за работа, продолжуваме со одржување на хигиената на највисоко ниво. Уште од денеска се зголемува бројот на хигиеничарите на терен, со работа во две смени – сабајле и навечер и механизацијата што ја изнајмуваме се пушта целосно во погон, вели Герасимовски.
„Комунална“ едвај го собира отпадот низ Скопје, а Управниот одбор одбил набавка на нови возила
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ упорно си молчат. Нивната последна информација на официјалната веб страница и на социјалните мрежи е од почетокот на август за отстранети две обемни диви депонии лоцирани во скопските општини Ѓорче Петров и Бутел. Недела денови подоцна следуваше уште една информација, овој пат за замена на дотраените пластични контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри со нови. Оттогаш наваму само една честитка за празник и толку. Ниту една објава дека некаде се чистело и работело.

Од претпријатието не одговорија на неколкуте прашања од „Слободен печат“ зошто не ги испразниле контејнерите викендов, на што се должи тоа што во последниве месеци Скопје е преполно со отпад. Оттаму упорно не одговараат дали имаат проблеми со механизација или им недостасуваат вработени.
Но, тоа што не сакаат да го соопштат го дознаваме неофицијално од наши извори во претпријатието кои убедуваат дека состојбата на „Комунална хигиена“ е далеку од розова – расипани биле голем број од камионите за комунален отпад, а немале ни резервни делови за поправка.
Нема набавка на нови возила ни делови, оти менаџментот не врши воопшто такви набавки. Граѓаните џабе плаќаат сметки затоа што иако ние сакаме да работиме, немаме со што, на десетина камиони сме останати. И нам не ни е пријатно само нас да нè „плукаат“, ама тоа не зависи од нас. Немаме со што да работиме. И платите ни доцнат, сѐ е катастрофално – ни раскажа вработен во претпријатието.
Центар и денеска преплавен со ѓубре, општинските хигиеничари ќе чистат во две смени
Во изминатите 4 години градоначалничката Данела Арсовска смени неколку директори во ова јавно претпријатие, но наместо да се подобри работата, претпријатието сѐ полошо ги извршува обврските за што граѓаните плаќаат сметки на месечно ниво, вработените земаат плата, а резултатот е – улици преполни со ѓубре.
На крајот на минатиот месец Општина Аеродром поднесе кривична пријава против јавното претпријатие „Комунална хигиена“ поради тоа што не ја извршува својата основна дејност – собирање отпад, со што ја загрозува животната средина и здравјето и животот на граѓаните.

Од општината во пријавата што беше испратена до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи се наведува дека отпадот во оваа општина не е собран две недели.
„На повеќе локации во општината комуналниот отпад не е собран во и околу садовите со што се загрозува животната средина, односно средината во која се движат луѓето. Поради ненавременото собирање на отпадот од домаќинствата, секојдневно има исцедок од садовите за смет од кој се шири непријатна миризба, а се нагрдува и просторот“, беше наведено во пријавата.
Веднаш потоа, како одговор на пријавата на Општина Аеродром, Град Скопје поднесе кривична пријава против Јулијана Спировска од ВМРО-ДПМНЕ, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, за загрозување на животната средина бидејќи, како што наведоа, поради неа и нејзините политички мотивирани опструкции повеќе од три години претпријатието е нефункционално.
Еден месец подоцна, сѐ е исто, дури и полошо од она што беше.


