Колку навистина вреди Гренланд?
Идејата дека Гренланд има „цена“ на прв поглед звучи како политичка провокација или таблоиден трик. Сепак, зад тоа прашање лежи сериозна економска, геополитичка и енергетска пресметка, во која Гренланд прераснува во еден од највредните територијални ресурси на современиот свет.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Неговата вредност не се мери според класичните пазарни параметри, туку според неговата стратешка позиција, природните ресурси и улогата во идната глобална економија. Островот што го топи мразот и ги отвора пазарите е најголемиот остров во светот, со површина поголема од Западна Европа, но со само околу 56.000 жители. Со децении беше економски маргинален и во голема мера зависен од субвенциите од Данска.
Сепак, климатските промени драматично ја променија неговата позиција. Топењето на мразот не е само еколошки аларм, туку истовремено отвора нови поморски патишта, го олеснува пристапот до суровини и ја зголемува стратешката важност на целиот Арктик. Она што со децении се сметаше за „неупотреблив“ простор, денес станува капитал во создавање, пишува „Ројтерс“.
Најголемата потенцијална економска вредност на Гренланд лежи под неговата површина. Проценките зборуваат за значителни резерви на ретки минерали и метали – неодимиум, диспрозиум и тербиум – клучни за производство на електрични автомобили, ветерни турбини, смартфони и модерна воена технологија.
Покрај тоа, Гренланд има и значителни количини на: ураниум, важен за нуклеарната енергија, нафта и гас во крајбрежните зони, злато, железо, цинк и дијаманти. Доколку сите овие резерви би можеле да се искористат без политички, еколошки и логистички ограничувања, нивната бруто вредност би се мерела во стотици милијарди или дури билиони долари. Сепак, Гренланд не е рудник – тоа е сложен еколошоки, општествен и политички систем со свои ограничувања.
Економската анализа без расходната страна останува илузија. Гренланд носи со себе екстремно високи трошоци: екстремни климатски услови и слабо развиена инфраструктура, високи трошоци за работна сила и логистика, силен отпор на локалното население на масовна експлоатација, строги еколошки стандарди, политичка зависност од Данска и сложен статус на автономија. Со други зборови, Гренланд е скап и за поседување и за развој. Само капиталот не е доволен, неопходна е долгорочна политичка, еколошка и безбедносна стратегија. Интересот на Соединетите Американски Држави, Кина и Европската Унија во Гренланд не е прашање на купување, туку на влијание.
Во свет во кој ретките метали стануваат новата нафта, а Арктикот е новиот Медитеран, Гренланд се позиционира како една од клучните точки на идните економски и политички конфликти. Значи, вистинското прашање не е: колку чини Гренланд, туку колку ќе чини да се игнорира. Во глобалната економија која влегува во ерата на ресурси, технологија и безбедност, Гренланд не е стока. Тоа е стратешка инвестиција на иднината.


