Колку е Македонија спремна да им стави крај на „вечните“ градоначалници?

По повеќе од две децении со истите лица на чело на некои општини, предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за ограничување на градоначалничките мандати повторно ја раздвижи јавноста. Дел од граѓаните ја гледаат иницијативата како начин да се спречат локалните „феудални системи“, додека други предупредуваат дека тоа би било удирање врз демократското право на избор и казнување на оние што постојано ја заслужуваат довербата на гласачите.

Предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да се размисли за ограничување на бројот на градоначалнички мандати на максимум два, повторно ја отвори дебатата за тоа колку локалната власт во Македонија навистина е демократска и отчетна.

Идејата што таа ја образложи со опасност од „рефеудализација“ и „партизација“ во малите средини, доби одек бидејќи токму таму, најчесто, градоначалниците владеат со децении.

Во земјава во моментов нема никакво ограничување колку пати едно лице може да биде избрано за градоначалник. Теоретски, доколку редовно победува на избори, може да ја задржи функцијата цел животен век. И токму тоа, во некои општини, веќе е реалност.

Еден од најпознатите примери е Стевчо Јакимовски во скопската општина Карпош. Тој првпат беше градоначалник уште во 2000 година, па потоа повторно од 2009 до 2017 година, а по четиригодишна пауза се врати во 2021 и беше на функција до 2025 година. Тоа се вкупно четири мандати во период од речиси 25 години.

Слична е и приказната на Зоран Заев во Струмица. Тој ја водеше општината од 2005 до 2016 година, односно три последователни изборни циклуси, сè до заминувањето во централната власт.

Во Куманово, Зоран Дамјановски-Циц беше градоначалник исто така цели 12 години – од 2005 до 2017 година, додека во Прилеп, Марјан Ристески исто толку долго седеше на чело на градот.

Во Струга, Рамиз Мерко практично беше синоним за локална власт. Тој ги доби изборите уште во 2005 година, ги повтори во 2009, се врати во 2017, а повторно беше реизбран и во 2021 година. Тоа се четири мандати, со кратка пауза меѓу вториот и третиот.

Сличен континуитет има и Фатмир Дехари во Кичево, кој од 2013 до 2025 година служеше три последователни мандати, како и Курто Дудуш во скопската општина Шуто Оризари, кој досега има освоено четири изборни циклуси, со кратки прекини меѓу нив.

Во помалите средини, ваквите долгорочни владеења често создаваат ситуации каде што граѓаните немаат реален избор. Во малите општини, градоначалникот најчесто контролира голем дел од јавните институции, локалните медиуми, па дури и работните места.

Рефеудализација“, како што рече Сиљановска-Давкова, во практика значи создавање мали локални „феудалци“, каде што властa е концентрирана во рацете на еден човек и неговата мрежа на лојалисти.

Повеќе од дваесет години ние имаме исти градоначалници. Тоа некаде се нарекува републикански монархизам – рече Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“ на МРТВ.

Но има и спротивни гледишта. Противниците на идејата за ограничување велат дека доколку граѓаните слободно го избираат истото лице, тоа е легитимна демократска волја и не треба да се ограничува.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски во разговор за „Слободен печат“ вели дека идејата на претседателката е добра, но таа дефинитивно не е прифатлива за наши услови.

Нема потреба да се ограничува бројот на мандати на градоначалниците. Сепак, ние не можеме да очекуваме да се појавуваат нови „феудалци“ со оглед на фактот дека буџетите се многу мали. Од друга страна, навистина би било некоректно кон оние градоначалници коишто оствариле резултати во нивните мандати. А верувајте ми, добар резултат не се остварува само за четири години, особено ако ветите капитални проекти за чија реализација е потребно подолго време. Затоа сметам дека бројот на мандати на градоначалници треба да остане неограничен, сѐ до оној момент кога една персона им одговара на граѓаните и доколку тие навистина се задоволни од неговата работа. Во таков случај, зошто со закон да ограничуваме нечие добро работење? Ако луѓето го гласаат истиот човек, тогаш не треба да му се одземе правото на тој човек да биде повторно градоначалник, дури и вечен градоначалник. Непристојно и нелогично е да му се одземе мандатот на оној што си ја знае работата, а да му се даде на некој што допрва треба да се учи – објаснува Кекеновски.

Наместо да се ограничи бројот на мандати на градоначалниците, тој предлага да се зајакне позицијата на советите во општините.

Да се зголеми контролната улога на советите во однос на градоначалниците, но и тука треба да се внимава и да не се оди во крајност, бидејќи многу добро видовме што се случи со Советот во Град Скопје во времето на градоначалничката Данела Арсовска – изјави Кекеновски.

Искуствата во други европски земји покажуваат дека ограничувањето на мандатите може да донесе нова енергија и свежи идеи во локалната политика. Во Франција, на пример, иако нема формално ограничување, се охрабрува ротацијата на функциите, а во некои држави од Источна Европа има јасно пропишани лимити за два последователни мандати.

Ако Македонија ја следи таа насока, тоа би значело крај на една ера на „вечни градоначалници“ и почеток на систем што повеќе ќе се потпира на институции, а помалку на личности. Сепак, таквата промена би предизвикала силен отпор во партиите, кои токму преку овие долготрајни локални кадри го одржуваат своето влијание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот