Згради, станови / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кој лани купи деловен простор за седум милиони евра во Центар и куќа од 1,5 милиони во Скопје?

Најактивни општини се Центар, Аеродром и Карпош, кои исто така, имаат и највисоки просечни цени на становите од 1.692 евра/м², 1.558 евра/м² и 1.419 евра/м². Најскапиот стан е продаден во Аеродром за 166.500 евра, а најскапата куќа е продадена во Општина Центар за 1.500.000 евра.

Деловен простор во центар на Скопје е продаден за скоро 7 милиони евра, а куќа на истата локација за 1.500.000 евра. Најскапиот стан пак е продаден во Аеродорм за 166.500 евра. Цените во главниот град на Македонија минатата година рушат рекорди – стои во најновиот извештај на Регистарот на цени и закупнини на недвижности на Агенцијата за катастар и недвижности на Македонија. Во истиот извештај стои дека пазарот на недвижности во 2025 година е стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини.

Становите остануваат најдоминантен сегмент на пазарот и учествуваат со 33% во вкупниот број на купопродажби и се дури 48% од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9%, нивната вредност пораснала за 10,8%. Најактивни општини се Центар, Аеродром и Карпош, кои исто така, имаат и највисоки просечни цени на становите од 1.692 евра/м², 1.558 евра/м² и 1.419 евра/м². Најскапиот стан е продаден во Аеродром за 166.500 евра, а најскапата куќа е продадена во Општина Центар за 1.500.000 евра. Најскап деловен простор е продаден во Општина Центар за 6.800.000 евра.

Зголемување на купопродажби на станови

Пазарот на недвижности во 2025 година бележи значителна активност со вкупно 33.381 реализирани трансакции, што претставува раст од 7,6% во споредба со 2024 година. Регистрирани се 23.470 трансакции (купопродажби) што претставува раст од 4%, како и 9.911 закупи, што е зголемување за 17% во однос на претходната година. Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарди евра, што е раст од 12,9% во споредба со 2024 година. Најголем дел од оваа вредност е остварен во четвртиот квартал (314 милиони евра).

Левица: Власта е глува на крикот на младите – Собранието го одби пакетот закони за младите семејства

Земјоделското земјиште и шумите учествуваaт со 31% во вкупниот број на купопродажби, додека градежното земјиште со 14% бележи значителен раст на купопродажната вредност од 36%, во споредба со претходната година. Куќите учествуваат со 13% во вкупниот број на купопродажби, со забележан раст на купопродажната вредност во споредба со претходната година од 37%. Анализата покажува дека пазарот е најразвиен во поголемите урбани центри. Најмногу трансакции се реализирани во Центар – 2.414 трансакции, Аеродром – 1.963 трансакции и Карпош – 1.791 трансакции. Највисоката цена за стан по метар квадратен е постигната во Аеродром (3.784 евра/м²). Пазарот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, а највисок скок на просечната цена на станови од инвеститор е забележан во Центар, 31%, додека во Охрид има пад од 4%.

За кирии четири милиони евра

Пазарот на закупи во 2025 година бележи вкупна месечна кирија со вредност од четири милиони евра. Во вкупниот број на закупи (9.911), најголемо учество имаат – становите со 35% и бележат раст на вкупната месечна закупнина од 15% во споредба со претходната година, потоа следат деловни простори со 34% и бележат раст на вкупната месечна закупнина од 24% во споредба со претходната година. Анализата покажува дека постои зголемена побарувачка за изнајмување.

Извештајот претставува сеопфатна анализа на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности, базирана на официјални податоци за реализирани купопродажни договори и договори за закуп.

Урбанистите сметаат дека главна причина за високите цени се сè помалку локации за градба, па инвеститорите на сопствениците им даваат и нереално високи цени за купување на парцелите.

– Најмалку купуваат скопјани. Нерамномерниот регионален развој ги принуди граѓаните од другите градови да доаѓаат во Скопје. Но лично сметам дека Скопје треба да се затвори. Нема веќе хумано живеење, сè е бетонизирано, нема паркови, зеленило, нема паркинг. Треба ревизија на ГУП, но и на деталните урбанистички планови по општините. Нема закон за купување на воздух наместо на изграден стан, купувачите купуваат станови на хартија за да заштедат, бидејќи добиваат пониска цена – изјави неодамна за „Слободен печат“ урбанистот Никола Велковски.

Експертите за недвижности велат дека растот на цените е резултат на повеќе фактори. Меѓу најважните се зголемените трошоци за градежни материјали, инфлацијата, растот на платите во одредени сектори, но и големата побарувачка за станови во главниот град. Дополнително, дел од граѓаните ги гледаат недвижностите како сигурна инвестиција, што дополнително ја зголемува побарувачката.

Стан „на хартија“ за 1.500 евра по квадрат

Сè почесто станови се продаваат уште пред да започне нивната изградба. Во многу нови проекти инвеститорите нудат станови „на хартија“, односно во фаза кога објектот сè уште не е изграден, по цена од околу 1.500 евра за квадратен метар.

Оваа практика во последните години станува сè поприсутна на пазарот. Купувачите често се одлучуваат за ваков тип на инвестиција бидејќи цената на станот во почетната фаза на изградба е пониска отколку кога објектот ќе биде целосно завршен. Според агенциите за недвижности, кога зградата ќе биде готова, истиот стан може да достигне цена и од 1.800 до 2.000 евра по квадрат, особено ако се наоѓа во популарни делови на градот. За многу граѓани купувањето стан уште во рана фаза е начин да се заштеди, но експертите предупредуваат дека ваквата одлука носи и одредени ризици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот