Кој го прислушувал Сијарто? Орбан нареди истрага
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека следењето на министерот за надворешни работи Петер Сијартo е сериозен напад врз Унгарија и дека му наложил на министерот за правда веднаш да ги истражи информациите поврзани со шпионирањето на унгарскиот министер, пренесуваат унгарските медиуми.
Препорачано
„Се справуваме со два сериозни проблеми: постојат докази дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто бил прислушуван и имаме индикации кој би можел да стои зад тоа. Ова мора веднаш да се истражи“, објави Орбан на X.
„Вашингтон пост“ цитирајќи неименуван европски безбедносен службеник, во саботата објави дека Сијарто со години, редовно се јавувал за време на паузите на состаноците на ЕУ за да го информира својот руски колега Сергеј Лавров за „извештаи во живо за тоа што се дискутирало“.
Портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, денес објави протечена аудиоснимка од новинарот Саболч Пањи, во која тој признава дека ги дал телефонските броеви на Сијарто на странски разузнавачки служби за да ги следат неговите повици.
Сијарто го отфрли извештајот како лажен.
„Зачудувачки е што, со активна соработка на унгарски новинар, една или повеќе странски разузнавачки служби ме прислушкувале“, рече Сијарто во видео објавено на Фејсбук.
Тој истакна дека унгарскиот новинар вклучен во прислушувањето е поврзан со проукраинската опозиција.
„Првото нешто што ми паѓа на ум е шокот што, со учество на унгарски новинар, еден или повеќе членови на унгарската влада биле активно прислушувани. Одвратно е што овој унгарски новинар, кој одржува активни контакти со разузнавачките служби, припаѓа на тесните кругови на партијата Тиса“, рече Сијарто.
Сијарто рече дека Пањи можел да биде искористен за „создавање проукраинска влада“ во Унгарија.
Пањи изјави за Ројтерс дека владата користела методи на тајната служба за да открие информации за комуникациите со изворите, пренесува Срна.


