Кој ги штити европските пари во Македонија?

На чело на системот за управување и контрола на парите од ИПА-фондовите е Национален ИПА координатор. Има Национален службеник за авторизација и управувачка структура, како и управни органи и интерни системи и на крај ревизорско тело. Сите финансиски спогодби и последователни договори, се предмет на надзор, контрола и ревизија од страна на Европската комисијата, вклучително и Канцеларијата на Европската комисија за борба против измама (ОЛАФ) и ревизии од страна на Европскиот суд на ревизори.

Кога во притвор ќе заврши директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството, даночен референт во Управата за јавни приходи и државен службеник вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тоа е сериозен аларм и за државата и за Европската комисија кои заеднички се потпишале на Спогодбата за финансиска помош според Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3) во 2022 година. Тоа е документ од 100 страници каде што јасно се дефинира кој од наша страна управува со парите и прави контроли на трансакции, а кои од страна на ЕУ.

На чело на системот за управување и контрола на парите е Национален ИПА координатор, а тоа е министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Потоа има Национален службеник за авторизација (НАО), а таа функција ја врши Сузна Пенева која се грижи за законитоста и за регуларноста на извршените трансакциите. Под неа е управувачка структура. Посебно, според Спогодбата има управни органи и интерни системи и на крај е Ревизорско тело, а главен ревизор е Милаим Абдураими.

Покрај целата оваа структура на наша страна и контролори на европската, некој во Македонија се обидел да направи поткуп за да добие европски пари без да ги исполнува критериуми. Според досегашните информации, Македонија побарала привремен прекин на средствата од ИПАРД програмите и тоа било поздравено од Брисел.
Во Спогодбата за финансиска помош меѓу Европската комисија и Македонија пишува:

„Комисијата може да ги запре исплатите на корисникот на ИПАРД 3, особено кога се откриваат системските грешки кои ја доведуваат во прашање веродостојноста на системите на внатрешна контрола на засегнатиот субјект, или законитоста и регуларноста на основните трансакции или употребата на средства и аутпути за намената како што е наведено во секторската или финансиската спогодба“.

Во Спогодбата е објаснето дека „корисникот на ИПА 3 на кој му се доверени задачите за спроведување на буџетот од помошта ИПА3 ги спречува, открива и коригира неправилностите и измамите при завршување на тие задачи“.

„За таа цел, корисникот на ИПА 3 спроведува, во согласност со начелото на пропорционалност, екс-анте и екс-пост контроли, вклучително и проверки на лице место на репрезентативни и ризични примероци на трансакции, за да осигура дали финансиските програми од буџетот ефикасно и правилно се спроведуваат. Корисникот на ИПА 3 исто така врши поврат на незаконски платените финансиски средства и покренува законски постапки онаму каде треба. Корисникот на ИПА 3, вклучително и персоналот кој е одговорен за програмирање и спроведување на задачите од финансиските активности од ИПА3, ги презема сите мерки за претпазливост кои се потребни за да се избегне секаков судир на интереси и веднаш ја известува Комисијата за судир на интереси или за која било ситуација која може да предивика таков судир“.

Оваа Спогодба е во сила на неопределен период, освен ако Комисијата ја суспендира или ако и престане важноста со писмено известување од една од страните.

„Кога Комисијата ја суспендира спогодбата или на истата и престанува важноста од која била од страните, Комисијата ја суспендира или прекинува секоја помош која е во тек на спроведување, освен помошта во поглед на стекнатите права со посебни договори финансирани од ИПА.  Помошта од ИПА 3 може да се спроведува преку оперативни програми врз основа на релевантни тематски приоритети утврдени во рамките за програмирање за ИПАР3 и насоките на Комисијата“, пишува во Спогодбата.

Сите финансиски спогодби и последователни договори, вклучително и сите поддоговори склучени од страна на корисници со трети лица се предмет на надзор, контрола и ревизија од страна на Европската комисијата, вклучително и Канцеларијата на Европската комисија за борба против измама (ОЛАФ) и ревизии од страна на Европскиот суд на ревизори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот