Кои се петтемина во исчезнатата подморница?

Подморница Титан на Оушнгејт / Фото: Ocean Gate / Handout / AFP / Profimedia

Во тек е драматичната потрага по подморницата која исчезна додека се спушташе до потонатиот брод „Титаник“, кој лежи на 3.800 метри под морето во близина на брегот на Њуфаундленд, Канада. Контактот со подморницата, во која имало пет лица, бил изгубен во неделата.

Британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман, британскиот милијардер и истражувач Хамиш Хардинг, поранешниот нуркач на француската морнарица Пол-Хенри Наргеолет и Стоктон Раш, извршен директор и основач на „ОушнГејт“, кој ја организираше посетата на потонатиот брод Титаник, се на подморницата.

Пол-Анри Наргеолет

Семејството на Пол-Анри Наргеолет, француски нуркач со децениско искуство во истражувањето на „Титаник“, изјави дека тој бил на исчезнатата подморница. Наргеолет е директор за подводни истражувања во „РМС Титаник Инк“, компанија која има ексклузивни права за спасување артефакти од потонатиот брод.

Според неговата биографија објавена на веб-страницата на компанијата, Наргеолет досега нурнал 35 пати до потонатиот брод и надгледувал извлекување на 5.000 артефакти. Тој исто така поминал 22 години во француската морнарица, каде што се искачил на чин командант, пишува „Си-Ен-Ен“.

Пол-Анри Наргеолет/ Фото : Joël SAGET / AFP / Profimedia

Хамиш Хардинг

Британскиот милијардер и истражувач Хамиш Хардинг е на подморницата „Титан“, објави неговата компанија „Екшон Авиејшон“. Во 2019 година, Хардинг се нашол на насловните страници на светските медиуми бидејќи бил дел од тимот за летање кој го соборил светскиот рекорд за најбрзо обиколување на светот преку Јужниот и Северниот Пол.

Во 2020 година, тој станал еден од првите луѓе што нурнал до најдлабоката точка на Маријанскиот Ров (т.е. во сите светски океани) наречена Челинџер Деп. Минатата година тој бил наречен „астронаут“ бидејќи учествувал во комерцијален лет на Блу Ориџин, вселенската компанија на Џеф Безос.

Хамиш Хардинг / Фото: American Photo Archive / Alamy / Alamy / Profimedia

Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман

Семејството на Шахзада Давуд соопшти дека тој и неговиот син Сулејман се качиле на подморница која се упатила кон потонатиот брод. Во соопштението се вели дека таткото и синот тргнале на „патување кон потонатиот брод Титаник во Атлантскиот Океан“.

Семејството Давуд е истакнато пакистанско деловно семејство. Нивната компанија, „Дарвуд Хекулес Корп.“, е една од најголемите корпорации во земјата, која се занимава со енергија, петрохемикалии, ѓубрива, информатичка технологија, храна и земјоделство.

Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман / Фото: Handout / AFP / Profimedia

Стоктон Раш

Извршниот директор и основач на „ОушнГејт“, Стоктон Раш, е меѓу петте луѓе на исчезнатата подморница, потврди компанијата вчера, без да даде дополнителни детали за неговата улога за време на експедицијата.

Стоктон Раш / Фото: EyePress News / Shutterstock Editorial / Profimedia

Според објавите на компанијата на социјалните мрежи, тој бил познат по тоа што во некои прилики управувал со подморницата Титан.

Проколнатиот „Титаник“ по 111 години може да земе уште пет жртви

При потрагата по „Титан“ регистрирани се подводни звуци во северниот дел на Атлантскиот Океан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот