Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото: Слободен печат / Мирослава Симоновска

Кога Стојанче ја турнал Ивана по скалите на Дигестивна Клиника, полицијата не повикала социјални работници од интервентниот тим?!

Синдикалната организација на Центрите за социјална работа во Македонија преку објава на Фејсбук, открива дека кога Стојанче Јовановски, на 19 јануари 2026 година ја турнал сега покојната сопруга Ивана на Клиниката за дигестивна хирургија, воопшто не биле испочитувани законските процедури за постапување при ваков настан од висок ризик. Имено, според објавата на Синдикатот, социјалните работници од интервентниот тим воопшто не биле ниту информирани дека настанот се случил. „Слободен печат“ повикувајќи се на законската процедура во вакви ситуации, каде кога полицијата ќе излезе на лице место е должна да се јави на интервентниот тим, без намера изнесе невистинита информација – дека социјални работници дошле на Клиниката за дигестивна хирургија после туркањето од скалите. Но, од Синдикатот велат дека ова не е точно. 

Ги демантираме наводите дека при физички напад врз Ивана од сопругот пред здравствена установа биле присутни стручни лица од Центарот за социјална работа, односно категорично тврдиме дека на критичниот ден и настан кој се случил на ден 19.01.2026 година (неработен ден за православните христијани) немало никаква пријава ниту повик за наше присуство во ЈЗУ Клиника за Дигестивна хирургија при комплексот Клиники од две социјални работнички, а во увид во документација и евиденцијата што ја води Центарот, тој ден дежурни службени лица од Специјализираниот тим биле две лица од различен пол, велат оттаму.

Како што објави „Слободен печат“ Стојанче Јовановски, осомничен за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Јовановска, која заедно со ќерката скокна од балкон на зграда во скопско Тафталиџе, ја бутнал по скали Ивана на 19 јануари годинава, додека таа била хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија при Клинички центар „Мајка Тереза“. Наспроти објавеното на нашиот медиум, дека на лице место излегле 2 социјални работнички, подоцна се утврди дека тоа биле две инспекторки од МВР а не две социјални работнички. Поради ненамерната грешка новинарката Мирослава Симоновска му се извинува на Центарот за социјални работи Скопје.

Од синдикатот во реакцијата велат и дека се сведоци на изнесени шпекулации во разни медиуми по однос на доставен записник од извршен вонреден инспекциски надзор кои се целосно невистинити, и тврдат дека до денот на објавување на овој демант истиот воопшто не е доставен во ЈУ МЦСР-Скопје.

Сметаме дека шпекулациите се тенденциозно изнесени, несомнено да водат кон дефокус на јавноста во насока на дискредитирање на улогата и постапувањето на стручните лица во Центрите, притоа прикривајќи ја вистината за непостапувањето на другите инволвирани страни при почитување на протоколите за мулти-секторско работење, во постапките за заштита од семејно насилство. Со вака изнесени непроверени информации, се нанесува голема штета на угледот и професионалноста на вработените во Центарот, кои се доведени со ситуација сами да се справуваат со невистините кои во јавноста се пласираат, а често се во ситуација на загрозена безбедност корисниците на социјална заштита.
Согласно наведеното, како синдикална организација изјавуваме дека силно ќе застанеме во одбрана на вработените, во насока да се заштити честа и угледот во професијата, а сметаме дека е крајно време да се спроведе процесуирањето на постапката, а со тоа и ќе се покажат вистинските факти кој и како постапувал, велат од Синдикатот на социјални работници.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот