КК Пелистер: Бевме класично нападнати од сите страни, гаѓани со тврди предмети

КК Пелистер се надева дека во иднина вакви инциденти нема да се случуваат/ фото: КФСМ

Натпреварот од Суперлигата меѓу кошаркарските екипи на Гостивар и Пелистер го одбележаа немили настани. Од КК Гостивар исто така ги осудија вчерашните настани кои немаат допирна точка со спортот и кошарката, воедно информираше дека ретко имало случај каде гостинските играчи (во овој случај кошаркарите на Пелистер) се пресметувале физички и вербално со публика и членови на домашниот тим.

И од КК Пелистер излегоа со соопштение во кое исто така битолчани го осудуваат секој вид на ваков топ на инциденти и дека екипата класично беше нападната од сите страни, гаѓани со секаков вид на тврди предмети.

– Кошаркарскиот клуб Пелистер чувствува потреба да ја изнесе во јавноста ситуацијата која ја затекнавме на натпреварот од осмото коло на Суперлигата 2021/22 против Гостивар. Нашиот клуб ја поздравува исполнетоста на спортската сала „Младост“ во Гостивар и кошаркарскиот амбиент со кој секогаш се среќаваме кога гостуваме во овој кошаркарски град. Вистинско задоволство е да се игра во таков амбиент и веруваме дека така ќе биде и во иднина.

По постојаните непристојни провокации, вулгарни дофрлувања, фрлања на предмети од трибините во текот на целиот натпревар и дополнително на тоа неспортски провокации од клупата и кошаркарите на Гостивар кон нашите кошаркари, во финишот од натпреварот се случи ескалација на зовриената атмосфера и немилиот настан ескалира.

Нашата екипа беше класично нападната од сите страни, гаѓани со секаков вид на тврди предмети и во тој хаос секој се снаоѓаше како знае и умее. За жал најмногу настрада тренерот на екипата Марјан Илиевски, кој беше погоден со тврд предмет во главата.

Делителите на правдата максимално професионално ја изменаџираа и тоа како деликатната ситуација, за која што ние како клуб максимално дадовме поддршка, а се во интерес на кошарката, се овозможија услови натпреварот да продолжи. КК Пелистер најостро го осудува секој вид на ваков тип инциденти и вакво неспортско навивање со постојано фрлање предмети на теренот и лично заканување кон кошаркарите од страна на публиката.

Се надеваме дека во иднина вакви ситуации нема да се случуваат и вистинските љубители на кошарката ќе уживаат во преостанатиот дел од возбудливото првенство на Македонија – стои во соопштението на спортскиот директор на КК Пелистер, Мартин Јовановски.

Видео на денот