Ќе треба повеќе мака за да се стане професор: Што се менува со новите закони за високото образование?
Предност при вработување на државните универзитети ќе имаат студентите кои со државна стипендија студирале на најдобрите 100 универзитети во светот, како и добитниците на наградата „Инженерски прстен“ и студентите прогласени за најдобри на своите факултети.
Предлозите за новиот Закон за високо образование и Законот за квалитет во високото образование се објавени на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а во наредните денови таму ќе биде поставен и Законот за научноистражувачка дејност. Јавноста ќе може да доставува забелешки и предлози, а од Министерството за образование и наука (МОН) најавуваат дека со законскиот пакет започнуваат сеопфатни реформи во високото образование и во науката.
Препорачано
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција истакна дека измените имаат за цел унапредување на квалитетот на наставата и поттикнување на научноистражувачката работа. Во изработката на законските решенија, како што информираше, волонтерски учествувале над 60 професори, претставници на институции, студенти и експерти, а Националното координативно тело за реформи успешно ја завршило првата фаза од задачите за кои било формирано.
Новиот Закон за високо образование треба да го замени актуелниот од 2018 година, кој, според министерката, создал повеќе слабости отколку решенија.
Се воведува и нов модел на финансирање на универзитетите, со развојна и со наградна компонента, што ќе значи поголема поддршка за институциите што ќе ги исполнуваат повисоките стандарди за квалитет и успешност. На овој начин, како што посочи Јаневска, се поттикнува здравата конкуренција меѓу универзитетите.
Предност при вработување на државните универзитети ќе имаат студентите кои со државна стипендија студирале на најдобрите 100 универзитети во светот, како и добитниците на наградата „Инженерски прстен“ и студентите прогласени за најдобри на своите факултети.
Кои се клучните новини?
Една од клучните новини е заострувањето на критериумите за напредување во академските звања. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе треба, во зависност од звањето, да објават меѓу шест и седум научни трудови, од кои најмалку три или четири во списанија индексирани во „Веб оф сајнс“ (Web of Science) или „Скопус“ (Scopus).
Јаневска нагласи дека за влез на универзитет, кој е меѓу првите 1.000 на Шангајската листа, потребни се најмалку 1.200 трудови со импакт-фактор годишно, додека, пак, македонските универзитети во моментов објавуваат значително помалку.
МОН воведува стипендии за магистерски и докторски студии по македонски јазик
За веќе вработените професори се предвидуваат олеснети преодни решенија, а новиот закон овозможува професорите да останат во истото звање доживотно, доколку континуирано ги исполнуваат условите за тоа звање. Во иднина, редовните професори ќе подлежат на реизбор на секои седум години, но ова нема да важи ретроактивно.
Со законските измени се враќа четиригодишниот мандат на ректорите и се менува моделот на нивен избор. Дополнително, се воведуваат стручни студии на сите три циклуси со можност за премин кон академски студии, како и кратки специјалистички програми. За поголема транспарентност се предвидува активирање на одборите за доверба и советите на универзитетите, а Националниот совет за високо образование и наука добива проширени надлежности.
„Прашањето за платите е затворено“
Министерката потенцираше дека прашањето за платите е затворено, со оглед на тоа што лани тие биле зголемени за 14 отсто, додека буџетот за научноистражувачка дејност е зголемен од 380 милиони денари во 2024 година на 773 милиони денари во 2025 година.
Со Законот за квалитет во високото образование се предвидува реорганизација на Агенцијата за квалитет, која досега, според оценките на МОН, не ја исполнувала целосно својата функција. Наместо постојните тела за евалуација и акредитација, ќе се формира Совет кој со помош на стручни комисии ќе ги утврдува постапките за оценување, акредитација и надзор на високообразовните и научните институции.
Третиот закон во пакетот, Законот за научноистражувачка дејност, предвидува јасна класификација на научните установи, начини на финансирање на истражувачки проекти, поддршка за научни институти и центри за извонредност, како и прецизни правила за избор во научни звања.
Законските предлози ќе бидат достапни на ЕНЕР во период од 30 дена. По две недели се планираат јавни расправи на универзитетите, по што текстовите ќе влезат во владина процедура. По доставувањето во Собранието, надлежната комисија ќе може да организира јавна расправа пред конечното усвојување.
Министерката очекува законите да бидат усвоени заедно, по вградување на најквалитетните предлози од јавната дебата.
Заврши зимскиот распуст, учениците се враќаат во училишните клупи


