Ќе се менува Одлуката за комунален ред на Скопје: Угостителите мора да договорат собирање ѓубре со „Комунална“
Рестораните, сендвичарниците, локалните гранапчиња и маркетите се обврзани да склучат договори и да добијат посебни садови, со што би се спречило нивниот отпад и картонски амбалажи да ги полнат контејнерите наменети за комунален отпад од домаќинствата.
Сите ресторани, маркети, трговски и слични дејности во иднина ќе бидат должни да склучат договор за собирање и транспортирање на ѓубрето до ЈП „Комунална хигиена“, откако претходно ќе го одложат во посебни контејнери, а не во оние што се наменети за отпадот од домаќинствата.
Препорачано
Ова се предлага со измените и дополнувањата на Одлуката за комунален ред во градот Скопје, која ќе се најде на дневен ред на следната седница на градскиот Совет што ќе се одржи во вторник. Со измените се додаваат неколку нови членови поврзани со собирањето и транспорт на комунален отпад меѓу кои и член 92-в.
(1) Сите субјекти што создаваат или поседуваат отпад при вршење комерцијални, индустриски, трговски, услужни, административни и слични дејности и е сличен по природа или состав со отпадот од домаќинствата (дејноста трговија на големо и мало, угостителски услуги и барови, канцеларии и пазари, како и остатокот од услужниот сектор) се должни да склучат договор за собирање и транспортирање на отпадот со ЈП Комунална хигиена – Скопје. (2) Субјектите од став 1 на овој член се должни претходно да вршат селекција на отпадот на местото на неговото создавање во посебни садови различни од оние наменети за домаќинствата – се наведува во новопредложениот член.
За непочитувањето на одредбите од член 92-в на оваа одлука, овластен инспектор од Град Скопје ќе изрекува глоба во согласност со законските прописи.
Тоа значи дека во иднина овие дејности, а пред сѐ, рестораните, сендвичарниците, локалните гранапчиња и маркетите ќе мораат да добијат од „Комунална“ посебни садови, така што би се спречило нивниот отпад и картонски амбалажи да ги полнат контејнерите наменети за комунален отпад од домаќинствата.
Од друга страна, тоа би им овозможило, особено на рестораните, ѓубрето да го исфрлаат во контејнерите по завршување на работното време, односно по полноќ, и на таков начин не би ја прекршувале забраната за фрлање отпад во периодот од 22 часот навечер до 6 часот наутро.
Забраната за фрлање отпад во ноќните часови, која ја донесе Град Скопје набрзо по започнувањето на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, важи еднакво за сите, и за граѓаните и за правните субјекти. Исклучок се правните лица што ќе склучат договори со јавното комунално претпријатие.
Во однос на угостителските објекти, и тие се опфатени со забраната, освен во случаи кога имаат склучено посебен договор со ЈП „Комунална хигиена“ и располагаат со сопствени контејнери. Во тие случаи важат правилата утврдени во нивниот договор, во согласност со динамиката и условите што се договорени однапред – објаснија од Град Скопје.
Идејата беше со забраната да се воведе ред, намалување на ноќното полнење контејнери и фрлање кабаст отпад околу нив, и воопшто, да се елиминираат практиките што со години го правеа градот нечист.
Сепак, угостителите останаа „глуви“ на ваквата забрана, речиси никој од нив во изминатиот период не склучи договор со „Комунална хигиена“, што значи дека и нивното ѓубре во изминатите месеци завршувало во контејнерите наменети за домаќинствата и веројатно ноќе, кога е забрането фрлање. Затоа што, навистина е тешко да се поверува дека го чуваат до наредниот ден во просториите каде што се подготвува и служи храна.
Кон крајот на февруари од ЈП „Комунална хигиена“ ни посочија дека од почетокот на забраната за фрлање отпад преку ноќ немаат потпишано нови договори со угостителски објекти и маркети што изнајмуваат посебни контејнери за одлагање на отпадот.
Би сакале да нагласиме дека на 19.11.2025 година, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје оствари работна средба со претставниците на угостителските објекти во градот Скопје, во чиишто рамки в.д. директорот на претпријатието Драги Митковски им укажа дека контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за одлагање мешан комунален отпад од домаќинствата во колективните домувања. Од овие причини е потребно секој угостителски објект да потпише договор според кој својот отпад ќе го одлага во посебен сад, а не во контејнерите поставени на јавни површини – објаснија тогаш од јавното претпријатие.
Скопските угостители ќе имаат посебни отпадни контејнери и советник во кабинетот на Ѓорѓиевски
Набрзо по одржувањето на средбата, на угостителските објекти им бил доставен нов правилник и ценовник за собирање и транспорт на комуналниот отпад, но претпријатието не добило барања за потпишување нов договор со некој од овие субјекти.
На прашањето дали некој има контрола каде фрлаат отпад оние што немаат посебни контејнери и дали се изрекуваат казни, од претпријатието одговорија дека тие немаат такви ингеренции.
ЈП „Комунална хигиена“ нема ингеренции да ги казнува лицата и правните субјекти што се затекнати при непрописно одлагање отпад. Во претпријатието функционира Еко-патрола што има обврска на овие лица/субјекти да им врачи едукативно-информативен записник за правилно одлагање на отпадот – посочија оттаму.
Право да казнуваат имаат градските комунални инспектори и редари. Но дали досега тие казниле вакви правни лица и колку, досега од Град Скопје нема таква информација.


