Нови контејнери-Фото/ ЈП „Комунална хигиена“

И кафеанџиите ќе чекаат да се раздени за да фрлат ѓубре, освен ако не договориле поинаку со „Комунална“

За повеќето граѓани одлагањето отпад во одреден период од денот нема да значи некоја промена, но би требало да ги спречи несовесните граѓани што ја користат ноќта, кога претпоставуваат дека нема никој да ги види, за да се ослободат од непотребниот кабаст или електронски отпад, кој недозволено завршува околу контејнерите.

Скопјани ќе мора да стекнуваат нови навики околу фрлањето ѓубре, па во иднина комуналниот отпад од своето домаќинство ќе можат да го фрлаат само во одредени периоди на денот, односно од 6 часот наутро до 22 навечер.

За повеќето граѓани ова нема да значи некоја промена, затоа што ретко кој среде ноќ излегува од дома за да фрли ѓубре, но од неа ќе бидат погодени некои угостители што ќе треба да си го чуваат отпадот во својот објект до разденување. Секако, временското ограничување треба да ги спречи и несовесните граѓани што ја користат ноќта, кога претпоставуваат дека нема никој да ги види, за да се ослободат од непотребниот кабаст или електронски отпад, кој недозволено завршува околу контејнерите.

Во Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за комунален ред на град Скопје, која ја усвои градскиот Совет на седницата во петокот, оваа новина е додадена во член 91, каде што по ставот 3 се вметна нов став што гласи: Сметот за колективните и индивидуални станбени објекти се одлага во временскиот период од 6 до 22 часот.

За непослушните граѓани ќе следува казна од 50 евра.

Со изменување и дополнување на одлуката, односно со определување конкретен временски период за одлагање на сметот, ќе се создадат услови за поефикасно функционирање на јавното претпријатие што го собира и го транспортира комуналниот отпад како и создавање услови сметот околу садовите за отпад да не се создава. Одлуката претставува и правен основ што им овозможува на овластените инспектори, како и на комуналните редари да постапуваат против правни односно физички лица што нема да го почитуваат временскиот тајминг за одлагање на сметот како и да бидат казнети според Законот за комунални дејности – се вели во образложението на Одлуката, која до овој момент не е објавена во „Службен гласник на град Скопје“, по што стапува на сила.

Фото: Слободен печат

Во измената на членот 91 се прецизира дека станува збор за станбени објекти, иако образложението покажува дека важи и за фирмите. И од Град Скопје потврдуваат дека таа е обврзувачка за сите, освен за рестораните што веќе имаат направено договор со ЈП „Комунална хигиена“.

Одлуката за забрана на фрлање отпад во периодот од 22 до 6 часот важи за сите – и за физички и за правни лица. Целта е да воспоставиме ред и да го спречиме создавањето диви депонии и преполнети контејнери преку ноќ, што со години наназад беше еден од клучните проблеми во градот. Во однос на угостителските објекти, и тие се опфатени со забраната, освен во случаи кога имаат склучено посебен договор со ЈП „Комунална хигиена“ и располагаат со сопствени контејнери. Во тие случаи важат правилата утврдени во нивниот договор, во согласност со динамиката и условите што се договорени однапред – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.

Контролата ќе ја спроведуваат комуналните инспектори и редари, кои првпат ќе работат во три смени, односно 24 часа дневно. Тие од почеток само ќе опоменуваат, но потоа ќе казнуваат.  Но, како што е познато, со години наназад локалните власти постојано се жалеа дека нема доволно инспектори и комунални редари. За тоа колку инспектори ќе бидат вклучени на терен и дали комуналните редарите имаат законско право да казнуваат, одговор побаравме од Градот.

Градот во моментов располага со вкупно 40 инспектори, од кои 11 се комунални инспектори и 10 комунални редари што се задолжени за контрола и спроведување на јавниот ред и чистота. И инспекторите и редарите имаат законско право да изрекуваат казни – објаснуваат од Град Скопје.

Од утре почнува ноќната забрана за фрлање отпад, казните ќе изнесуваат од 50 до 1.800 евра

Оттаму додаваат дека крајната цел на оваа одлука е воведување ред, намалување на ноќниот метеж со отпад и елиминирање на практиките, кои со години го правеа градот нечист. Како што велат, чист и уреден град не се добива сам од себе туку со ред, дисциплина и јасни правила што важат за сите.

Колку долго одлуката ќе се почитува и ќе функционира на терен, останува да се види. Како што е познато, со години постои и Закон за јавна чистота, во кој убаво е наведено сѐ што е недозволено да се прави поврзано со јавната хигиена, но ниту некој контролира ниту казнува.

Па, така, и понатаму тревите се преполни со измет од миленици, иако Законот предвидува казна од 50 евра доколку сопственикот не собере по своето куче. Исто толку висока глоба има и за плукање по улица, но не може да се забележи дека запрела оваа грда појава. Казниво е и фрлање отпушок на земја, како и паркирање на помало растојание од 10 метри до контејнерите. Во реалноста и ова е секојдневие, а комуналците секоја вечер прават „егзибиции“ меѓу паркирани возила за да се доближат со возилото до садовите за отпад и да ги испразнат. И никој не е казнет.

Па, кога веќе Градот ќе ги пушти инспекторите на терен и тоа во три смени, освен со контејнерите и фрлањето ѓубре, нека се позанимаваат малку и со Законот за јавна чистота.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот