Ќе се гради објект за гимназијалците Македонци од Тетово, за да не учат одвоено од соучениците Албанци
Општина Тетово планира да гради објект кај старата спортска сала од централниот објект на Гимназијата Кирил Пејчиновиќ, кој ќе биде наменет за учениците кои следат настава на македонски наставен јазик.
Препорачано
Информацијата за „Слободен печат“ ја потврдија од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.
Целта е велат да нема повеќе сегрегација на учениците гимназијалци по етничка линија кои сега учат одвоено, Албанците во централниот објект на гимназијата, а Македонците во двата објекти познати како стара медицина.
„Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами има план да се изградат училници кај централниот објект на гимназијата, за да не се делат децата. Претходните локалните власти имаа некој проект за изградба на доградба или надградба во склоп на постоечката гимназија во соработка со Министерството за образование, но од тој проект ништо не се реализира. Засега нема проект од Министерството за образование и наука, но градоначалникот има план да најде некој начин да се изградат училници, мора да се најде некој начин, рече Назми Даути раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.
Тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ се уште е единственото училиште во Тетово каде децата од различна националност учат во одвоени објекти.
Учениците Македонци и Албанци се раздвоени по воениот конфликт во 2001 година кога гимназијалците кои следат настава на Македонски јазик поради безбедносни причини го напуштија централниот објект на тетовската гимназија, каде сега нема просторни услови тие да се вратат.
Повеќе до две децении тие учеа во бараки, по основни училишта, на отворено, на плоштад, во салата на Советот на Општина Тетово, а повеќе пати поради револт ја бојкотираа наставата.
Изминатава деценија и локалните и централните власти со повеќе ветувања дека учениците Македонци ќе се вратат во централниот објект на Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово, откако ќе се обезбедат просторни услови, односно ќе се изгради некоја доградба или надградба. Но досега освен ветувања, на терен нема ништо реализирано.


