Ќе останат ли Таравари и Села без партија?

Ако Илир Демири, кој викендов најави дека ќе дејствува како независен пратеник, успее да формира пратеничка група и ги обедини двете или трите крила на Алијансата, финалето ќе биде партијата на конгрес да избере лидер. Во таков случај, основачот на АА, Зијадин Села, но и Арбен Таравари, кој сакаше да ја преземе партијата, но спорот заглави на суд, можно е да останат без партија ако го саботираат спојувањето на двете Алијанси.

Ќе им успее ли на пратениците тоа што не им успева на лидерите Зијадин Села и Арбен Таравари – да ја обединат Алијансата за Албанците откако две години трае судскиот спор чија е партијата. Понуда за обединување ќе има и за владејачката фракција на Алијансата, предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи, кој го напушти Таравари откако тој отиде во опозиција.
Ова е целта, како што за „Слободен печат“ вели пратеникот Илир Демири, кој викендов го информира претседателот на Собранието Африм Гаши дека во Собранието ќе дејствува како независен пратеник. Ако Демири успее да формира пратеничка група и ги обедини двете или трите крила на Алијанса, финалето ќе биде партијата на конгрес да избере лидер. Во таков случај основачот на АА Села можно е да остане без партија ако го саботира спојувањето на двете Алијанси.

Прв чекор

Извори од АА за „Слободен печат“ брифираат дека потегот на Демири ќе го следат и други пратеници од поделената партија, односно сопартијците на Демири, но и тие од крилото на Таравари.

– Потегот на Демири да дејствува како независен пратеник е првиот чекор кон обединување на АА. Планот е да се формира јадро од најмалку пет пратеници, кои по примерот на Демири ќе објават дека ќе дејствуваат како независни за да може да формираат пратеничка група. Понуди и разговори веќе има и со пратеници од крилото на Села, на Таравари и на Фетаи. Станува збор за благородна идеја АА да се обедини, бидејќи само така може да се тргнат настрана суетите на Села и на Таравари и партијата да дејствува единствено. Две години трае и судскиот процес и инаетењето на Села и на Таравари за тоа кој ќе го добие печатот и името на партијата. Ова покажа дека поделените крила книжат изборни порази, а пратениците не се во можност да ги застапуваат интересите на граѓаните. Процесот треба да заврши со одржување конгрес на кој ќе биде избран новиот лидер – вели функционерот.

Откако неодамна Алијанса предводена од Села го напушти Европскиот фронт и коалицијата НАИ, предводени од лидерот на ДУИ Али Ахмети, во Собранието остана без пратеничка група, бидејќи имаа само четири пратеници. По објавата на Демири викендов дека ќе дејствува независно, Села остана со тројца пратеници. Засега никој од тројцата пратеници – Илире Даути, Елми Азири и Села – не коментираат дали ќе го следат потегот на Демири.

Алијанса предводена од Таравари има тројца пратеници – Халил Снопче, Ријад Шаќири и Садик Сулејмани, додека пратеничката Мимоза Муса е од фракцијата на министерот Арбен Фетаи.
Во обединетата Алијанса секој е добредојден, вели изворот, но првичната идеја е консолидација на партијата. Критиките се дека предолго АА се држи во заложништво на двајцата лидери. Партијата и општествените текови не смеат да зависат од индивидуални одлуки и желби на поединци.

Катастрофален пораз на локалните избори

Како што веќе објавивме, незадоволството во Алијанса предводена од Села кулминира по катастрофалниот пораз на локалните избори, бидејќи партијата не освои ниту едно од трите градоначалнички места каде што имаше свои кандидати. Села изгуби во Струга, Дебар и во Арачиново. И покрај поразот, Села не понудил оставка од претседателската функција, иако на Централното претседателство што се одржа по изборите, дел од неговите сопартијци побарале одговорност од него. Првиот чекор за раздружување со Села го направи генералниот секретар на партијата Кренар Лога, кој се повлече од Алијанса за Албанците, но не и од политиката.
Незадоволните членови на АА велат дека не може за изборниот пораз да се виновни сите освен лидерот.

– Кога ќе изгубите на избори, не може виновни да се гласачите, туку партијата. Тоа значи дека или сме ја погрешиле програмата, стратегијата или, пак, кадровската понуда. Ако успее процесот на обединување, тогаш на конгресот, освен избор на претседател на партијата, ќе треба да направиме и нова платформа и стратегија за дејствување на АА. Идејата е партијата да се движи кон граѓанскиот концепт – велат од АА за „Слободен печат“.

Според информациите, евентуалната нова пратеничка група на АА, по нејзиното формирање ќе одлучува дали ќе настапува опозициски или ќе се приклони кон владејачкото мнозинство. Ова, пак, навестува дека следува турбулентен период во албанскиот политички блок, можно прегрупирање на силите во Собранието и евентуално зголемување на владејачкото мнозинство, со што, пак, власта ќе го реши и Бадентеровото мнозинство.

Ахмети ќе ги менува сите, освен, се разбира – себе!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот