Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети, Фејсбук

Ахмети ќе ги менува сите, освен, се разбира – себе!

Најголемиот рез, според брифинзи од ДУИ, се очекува да го направи лидерот Али Ахмети на партискиот конгрес што треба да се одржи во декември. Информациите се дека Ахмети ќе го смени најтесното партиско раководство, на чие место ќе дојдат млади кадри „без багаж“.

Големи потреси се најавуваат во албанскиот опозициски блок, откако коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, доживеа фијаско на локалните избори и не успеа да добие градоначалник во ниту една градска општина.
Најголемиот рез, според брифинзи од ДУИ, се очекува да го направи лидерот Али Ахмети на партискиот конгрес што треба да се одржи во декември. Информациите се дека Ахмети ќе го смени најтесното партиско раководство, на чие место ќе дојдат млади кадри „без багаж“. Турбуленции веќе има и во Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, зашто не победија во ниедна општина. За поразот на изборите најтесното раководство на АА на Села ќе заседава утревечер. Засега во најкомотна позиција е Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, затоа што допрва очекува победа во Гостивар и во Врапчиште на повторените локални избори најверојатно во јануари следната година.

Најавата за длабок рез во ДУИ, Ахмети ја кажал на состанокот на Централното претседателство на партијата што се одржа ден по изборниот пораз. Смената на најтесното раководство лидерот ќе ја направи на партискиот конгрес во декември, а тоа ќе значи дека Ахмети ќе им се заблагодари за досегашниот ангажман на потпретседателите Арбр Адеми, Бујар Османи, Арбана Пашоли и Бајрам Реџепи, како и на генералниот и на организацискиот секретар Фатон Ахмети и Блерим Беџети. Очекувањата се дека новиот партиски врв ќе биде освежен со млади кадри и со поголема застапеност на жените.

ДУИ Претседателство
Фото: Фејсбук ДУИ

За лидерската позиција на ДУИ воопшто и не се разговара, или како што велат нашите брифери, на конгресот што ќе биде за кадровски решенија, Ахмети ќе нема противкандидат за претседателската функција. По кадровскиот, се планира и програмски конгрес, на кој ДУИ ќе треба и програмски да се ресетира и да се рефрешира.
Ахмети ги почна смените во ДУИ од пратениците. На координацијата кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, заменик-координаторката на пратеничката група на ДУИ, Арбана Пашоли, најавила дека таа и координаторот Блерим Беџети се повлекуваат и дека нова шефица и нејзина заменичка ќе бидат пратеничките Рина Ајдари и Дијана Тоска.
На конгресот, Пашоли и Беџети ќе останат и без потпретседателската, односно функцијата организациски секретар на партијата.

Аудиоснимка му пресуди на Беџети?

Повлекувањето на Беџети освен со поразот во Сарај, се врзува и со аудиоснимка, која меѓу првиот и вториот изборен круг се вртеше на интернет. На снимката, Беџети во разговор со Муса Џафери со сексуални алузии ги навредуваат тетовките. По ова, а пред Ахмети да го свика Централното претседателство, со соопштение реагираше Секретаријатот за еднакви можности на ДУИ од огранокот во Тетово.

„Неодамнешните настани отворија широка дебата во општеството и ја отворија потребата од длабоко размислување во рамките на партиските структури. ДУИ е изградена врз јасни политички и морални вредности – интегритет, правда, еднаквост и посветеност кон граѓаните – вредности што мора да бидат зачувани и претставени со достоинство од сите наши членови и претставници. Како жени, вклучени во политичкиот и општествениот живот, ја нагласуваме важноста на транспарентноста, одговорноста и јавната етика на секое ниво на донесување одлуки. Бараме од раководството на партијата да преземе јасни чекори за да се осигура дека овие принципи го водат секое дејствување и јавна изјава“, пишува во соопштението.

Блерим Беџети Фото: Принтскрин

Од тетовскиот Секретаријат му даваат безрезервна поддршка на лидерот Ахмети, на чии, како што велат, идеали, визија и мисија остануваат посветени и дека само преку единство, внатрешни реформи и зајакнување на граѓанската доверба, можат да го продолжат патот кон пофер и посветла иднина за сите.
Смени и реорганизација се најавува и во ограноците на ДУИ. За старите кадри, пак, како Муса Џафери, Талат Џафери, Садула Дураку и други, кои сега се пратеници и членови на Централното претседателство, Ахмети планира да ги смести во советодавно тело. Се планира новото раководство на партијата да нема концентрација на функции.

Половина Алијанса на Села смета дека треба да станат дел од власта

Алијанса, предводена од Села, утревечер првпат ќе заседава по изборниот пораз за да анализираат што и како понатаму. Велат дека ќе се бара одговорност за резултатот, но не прецизираат дали ќе се бара оставка од претседателот. Села, пак, освен со изборниот пораз во трите општини каде што имаше кандидати за градоначалници, се соочува и со превирања во партијата, бидејќи половина членство смета дека Алијанса треба да стане дел од власта. Нема информации дали ова ќе биде на маса на партискиот состанок.
„Слободен печат“ веќе објави дека има комуникација помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и АА за влез на Села во Владата што, пак, на премиерот Христијан Мицкоски му оди во прилог, бидејќи со четирите пратеници на АА, власта ќе биде на чекор до Бадентерово мнозинство. Од партијата на Села коментираат дека, во секој случај, кај албанската опозиција ќе има форматирање и не се знае кој каде ќе заврши.

Зијадин Села Фото: Фејсбук

Алијанса, предводена од Таравари, ги чека повторените избори кои најверојатно ќе се одржат во јануари. Во Гостивар и во Врапчиште во првиот изборен круг водеа кандидатите на Таравари, но немаше цензус. На повторените избори, Таравари очекува победа. Од партијата се надеваат дека коалицијата НАИ ќе остане компактна што, пак, нив најмногу ги засега поради изборите во Гостивар и во Врапчиште.
И ДУИ и двете Алијанси сè уште се во шок по локалните избори. Останува да се види дали Ахмети сега навистина е спремен за длабок партиски рез, бидејќи претходните „реформи“ во партијата се покажаа неуспешни, зашто младите кадри повторно ги смени со ветераните. Села е на раскрсница дали ќе остане во опозиција и дали ризикува одлив на членството, за разлика од Таравари, кој неодамна ја напушти Владата и дефинитивно опозициски е позициониран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот