Ќе може ли Трамп да го скроти Нетанјаху?
Американските претседатели, од Бил Клинтон до Џо Бајден, имале тешкотии во соработката со цврстиот и тврдоглав израелски лидер, а дури и функционери од администрацијата на Доналд Трамп биле фрустрирани од некои израелски воени напади што, според нив, ја поткопувале американската политика.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој сам се нарекува мировен посредник и сака да добие Нобелова награда, конечно доби дипломатска победа подготвена за камери во понеделникот, кога светските лидери полетаа кон Египет за потпишување на договорот за примирје и за ослободување заложници што тој го посредуваше меѓу Израел и Хамас.
Препорачано
Но, ако треба да се воспостави траен мир, велат аналитичари и дипломати, Трамп ќе мора да продолжи да врши притисок врз човекот чијашто поддршка ќе му биде неопходна во следните фази од неговиот план – израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се вели во анализата на „Ројтерс“.
ВИДЕО | Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот
Американските претседатели, од Бил Клинтон до Џо Бајден, имале тешкотии во соработката со цврстиот и тврдоглав израелски лидер, а дури и функционери од администрацијата на Трамп биле фрустрирани од некои израелски воени напади што, според нив, ја поткопувале американската политика.
Но, овој месец, Трамп успеал да го убеди Нетанјаху да го прифати неговиот рамковен договор за поширок мировен процес, убедувајќи воедно и други блискоисточни држави да извршат притисок врз Хамас да ги врати сите израелски заложници – што беше главниот адут на групата во војната.
Сепак, оттука, па натаму, работите би можеле да станат потешки.
Со Нетанјаху ќе се разбере некако, но не и со луѓето околу него
Израел и Хамас остануваат силно поделени околу многу делови од планот во 20 точки на Трамп, а како што Израел се подготвува за следните избори, пристапот на Нетанјаху може да се промени бидејќи тој се обидува да ја задржи својата десничарска коалиција обединета.
Влијателните сојузници на Нетанјаху во коалицијата, Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрич, веќе го критикуваа договорот за примирје со Хамас. Бен Гвир, кој е министер за национална безбедност, дури и се закани дека ќе ја напушти владата во знак на протест.
— Влегуваме во политичка година во која сè е поврзано со кампањи и калкулациите на Нетанјаху може целосно да се променат – од попуштање под притисок до обид за политичко преживување — изјави претседателот на израелскиот тинк-тенк за надворешна политика „Митвим“, Нимрод Горен.
Силата на мировниот план на Трамп, велат дипломатите и аналитичарите, воедно е и неговата слабост.
Документот што стои во срцето на договорот остава многу работи недефинирани, а ниедна страна не се согласи околу деталите.
Таа нејасност помогнала двете страни да го потпишат договорот, но истовремено значи дека најтешката дипломатска работа дури сега започнува.
Хамас не се дава толку лесно
Еден од најконтроверзните делови на Трамповиот план е обврската Хамас да се разоружа и да нема никаква улога во идната администрација на Газа. Иако групата формално го прифати планот, нејзиниот официјален одговор не ги спомнува овие услови, а лидерите на Хамас дале до знаење дека сепак се гледаат како дел од управувањето со Газа по војната.
— Постојат безброј начини ова да тргне наопаку. Тешко е да се сетиме на меѓународен договор што оставил толку многу работи за доцна договарање — изјави експертот за Блискиот Исток при Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон и поранешен функционер во Стејт департментот, Џон Алтерман.
Израелската амбасада во Вашингтон не одговорила на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Зошто Трамп има влијание врз Нетанјаху?
Висок американски функционер изјави дека Трамп стекнал поголемо влијание врз Нетанјаху делумно бидејќи силно го поддржувал Израел во други клучни прашања.
Во својот прв мандат, Трамп формално ги призна Ерусалим како главен град на Израел и Голанската висорамнина како дел од израелска територија – нешта што израелските влади со години ги посакуваа.
— Едно нешто, што претседателот Трамп го направи со Израел, е што не се обидува да биде неутрален. Тој застана рамо до рамо со Израел, 100 отсто. Но, токму затоа успева да ги насочува во вистинска насока — изјави американскиот функционер.
Израелскиот анкетар Мичел Барак, кој работел со Нетанјаху во 1990-те, изјави дека израелскиот лидер немал избор освен да се усогласи со САД додека Трамп е во Белата куќа.
Трамп станува доста построг
Трамп има мешани резултати кога станува збор за политички притисок врз Нетанјаху.
Во јули, Израел го бомбардираше сириското министерство за одбрана во Дамаск, токму кога САД се обидувале да ги подобрат односите со новата сириска влада. Претседателот Трамп подолго време му даваше политичка поддршка на Нетанјаху за операциите во Газа, и покрај растечките хуманитарни грижи кај европските и арапските сојузници.
Но, во последните недели американскиот претседател покажува поголема строгост. Тој го натерал Нетанјаху да му се извини на лидерот на Катар, откако израелско бомбардирање по грешка погодило преговарачи на Хамас во таа земја во септември. На крај, Трамп го принудил Нетанјаху да го потпише планот во 20 точки, и покрај неговите резерви.
— Трамп моментално има политичка предност во Израел. Тој е многу попопуларен од Нетанјаху и може или да му помогне политички, или да му ја поткопа кариерата — рече Алтерман.
На говорот пред израелскиот парламент (Кнесет) во понеделник, Трамп се пошегува со Нетанјаху, што покажа дека не чувствува потреба да му укажува посебна почит.
— Е, сега можеш да бидеш малку понежен, Биби, затоа што веќе не си во војна — рече Трамп, на што публиката се насмеа.
Можно влошување
Но, изборите следната година би можеле да ја променат политичката калкулација на Нетанјаху.
Аналитичарите предупредуваат дека ако Хамас одолговлекува со разоружувањето, десничарските партнери на Нетанјаху би можеле да извршат притисок за обновување на воените операции во Газа, со што би пропаднал Трамповиот договор.
— Загрижени сме бидејќи Хамас и денес изјавува дека ќе остане на власт во Газа. Не сме задоволни од ниту еден договор што не значи целосна капитулација на Хамас. Ние не прифаќаме делумна победа — изјави членот на ултранационалистичката партија Религиозен ционизам на Смотрич, Симха Ротман.
Друг проблем може да биде делот од планот кој предвидува можност за идната палестинска држава, што многу Израелци тешко би го прифатиле по нападот на Хамас во октомври 2023 година.
Поранешниот американски амбасадор во Израел, Ден Шапиро, вели дека ако владините и опозициските политичари во Израел започнат силна кампања против создавање палестинска држава, тоа би можело да ја намали подготвеноста на арапските земји да го притиснат Хамас да ги исполни своите обврски според Трамповиот договор.
— Тоа беше многу важна точка за да се добие поддршка од арапските држави. Ако политичкиот дискурс во Израел се сведе на целосно отфрлање на палестинска држава засекогаш, тоа може сериозно да ја намали желбата на арапските партнери да ја одиграат својата улога во процесот — рече Шапиро.
Зошто Египет е толку важен за мировниот план на Трамп за Газа


