Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

„Ќе го тужам Вучиќ“: Новинарот Саватовиќ вели дека неговиот живот може да биде во опасност откако српскиот претседател рече дека ќе го научи на ред

Новинарот Младен Саватовиќ ќе поднесе тужба против српскиот претседател откако Александар Вучиќ го вреѓаше на вчерашната прес-конференција, објави „Нова“.

— Ќе поднесам тужба против претседателот бидејќи сметам дека ова ја надмина секоја мера и дека буквално беше капката што ја прели чашата — вели за „Нова“ новинарот на „Н1“, Младен Саватовиќ.

Во уште една пресметка со новинарите, Вучиќ отиде чекор понатаму и му порача дека ќе го „научи на пристојност“.

Новинарот на Н1, Младен Саватовиќ, за „Нова“ вели дека слични напади доживеал повеќепати во последните седум години и дека речиси секоја конференција што ја организира претседателот поминува во навреди и во омаловажување на новинарите.

— Овој пат тоа беше особено изразено и со поголем интензитет. Мислам дека конкретниот проблем беа прашањата што ги поставив, кои очигледно многу го вознемирија, а се однесуваа на тоа дали министерот Селаковиќ ќе поднесе оставка и дали очекува премиерот Ѓуро Мацут да реагира. Генерално, прашањата беа поврзани со Генералштабот и со господинот Селаковиќ — раскажува Саватовиќ.

Тој додава дека за претседателот било проблем што и да одговори, бидејќи не би звучело добро.

— Ако, на пример, каже дека очекува оставка од министерот Селаковиќ и реакција од Ѓуро Мацут, тоа би било признавање дека нешто не било во ред. Знаеме дека членовите на Владата формално ги избира актуелниот премиер, но дека тоа, всушност, се кадровски решенија и избор на претседателот Александар Вучиќ — вели новинарот.

Тој смета дека однесувањето на Александар Вучиќ било „непрофесионално и непристојно“ и вели дека по таквото јавно таргетирање не се чувствува добро.

— Кој го гледал преносот од конференцијата не ме слуша мене, не ја слуша другата страна во расправијата и може да помисли дека претседателот има право, а дека моите прашања се безобразни и непристојни. Потоа, по таа конференција, може да се случи некој да ме сретне на улица, да ме претепа, да ми го загрози животот зашто сум го „нападнал“ претседателот. Јас не го нападнав претседателот, само поставив прашања и реагирав на неговото таргетирање кое следеше наместо одговор. Денес се тоа вербални пресметки и закани, а утре може да се случи некој да биде повреден или животно загрозен — нагласува Саватовиќ.

И покрај тоа, смета дека новинарите не треба да се откажат од присуство на прес-конференциите на Вучиќ и од обидите да му поставуваат прашања.

ВИДЕО | Вучиќ избувна откако новинар го праша дали министерот за култура ќе поднесе оставка: „Невоспитани едни, ако родителите не ве научиле на ред, јас ќе ве научам!“

Вучиќ ја применува стратегијата „нападот е најдобрата одбрана“

Саватовиќ вели дека новинарите не смеат да се откажат од поставување прецизни и суштински прашања, дури и кога тоа значи изложување на притисоци и навреди. Според него, однесувањето на претседателот кон новинарите е само по себе одговор — и тоа често појасен од кој било изговорен збор. Агресивниот настап, оценува тој, открива вознемиреност и страв од теми на кои не може лесно да се одговори.

Тој посочува дека доколку навистина нема ништо спорно — ако министерот Селаковиќ не направил ништо незаконско и ако рушењето на Генералштабот е оправдано — тогаш нема причина за нервоза, напади и јавно таргетирање. Наместо аргументи, вели Саватовиќ, се применува тактика на напаѓање и дискредитација на новинарите, со цел да се избегнат непријатните одговори и да се заплашат слободните медиуми.

Тој нагласува дека ваквото однесување не е изолиран случај, туку дел од поширока практика во која се вклучуваат и провладините медиуми.

Според него, секој што е јавно навредуван и таргетиран треба да реагира институционално, дури и ако правдата не биде задоволена, за барем да остане запишано дека на понижувањето му е кажано јасно „доста“.

За потсетување, Вучиќ го изгуби трпението откако Саватовиќ го праша дали српскиот министер за култура, Никола Селаковиќ, ќе поднесе оставка, и почна да се заканува дека „ќе ги научи новинарите на ред штом не ги научиле нивните родители“.

Вучиќ се закани со кривична пријава откако зетот на Трамп се повлече: Лично ќе се погрижам да одговараат сите што ѝ наштетија на Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот