Ќириќ: Со среќа момци, Македонија на Европското првенство може да биде пријатно изненадување!

Фото: ФФМ/Драган Митрески/Слободен печат/EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Јас, како и целата македонска спортска јавност сум убеден дека воопшто нема да се посрамотиме на Европското првенство – вели нашиот поранешен репрезентативец.

Македонија живее и дише заедно со нашите најдобри фудбалери кои за шест дена ќе го имаат првиот настап на Европското првенство против селекцијата на Австрија. Потсетување дека утре, вторник (8 јуни) нашите фудбалери патуваат за Букурешт, Романија.

Сениорската репрезентација предводена од селекторот Игор Ангеловски во Скопје покрај тренинзите како подготовка за овој голем фудбалски настан одигра два пријателски натпревари, реми со Словенија (1:1) и победа над Казахстан (4:0).

Популарните „рисови“ ќе дебитираат во групата „Ц“, против Австријците од 18.00 часот на 13 јуни, четири дена подоцна од 15.00 часот против Украина исто така во романскиот главен град, а потоа се селат во Амстердам за одигрување и на третиот меч со фаворитот Холандија (18.00 часот)

Ексклузивно своите размислувања за веб порталот на „Слободен печат“ околу настапот на Македонија на ЕП ги сподели нашиот поранешен репрезентативец Саша Ќириќ кој верува во квалитетот на играчите и дека истите имаат што да кажат и на континенталниот собир:

Австрискиот селектор Фода со 30 кандидати за првиот меч со Македонија на ЕП

– Нашата репрезентација одигра доста добро во Лигата на Нации, преку која и се квалификувавме за Европското првенство, но уште поимпресивно ги започнавме новите квалификации за Светското првенство кога во март ја совладавме дури и Германија. Тоа ни кажува дека играта на нашата селекција е во подем и некако сè е темпирано токму за Европското каде што ние може да бидеме едно големо и пријатно изненадување. Двата пријателски натпревари кои сега ги одигравме во јуни ни покажаа уште една убава работа, а тоа е дека имаме играчи кои доаѓаат од клупата, но со себе носат младост, елан и квалитет. Играта која ја прикажавме против Казахстан, иако не е можеби некој врвен противник, одамна ја немаме видено на нашата арена. Тоа е добар показател, пред сè за нашите противници во групата, дека на нас треба да се смета и дека никој нема лесно да излезе на крај со нас – ни изјави Ќириќ.

Поранешниот напаѓач вели нашата група на изгледа можеби не е најсилна, но сепак се тоа незгодни противници со кои во минатото немаме некој посебен успех. Против Австрија во претходните евроквалификации двапати загубивме со 4:1 и 2:1, со Украина имаме една победа во пријателски меч (1:0), реми 0:0 во контролен натпревар, а два порази во евроквалификации (1:0 и 2:0). Со Холандија во мундијалски квалификации двапати ремизиравме (2:2 и 0:0), и двапати загубивме (2:1, 4:0).

ЕВРО 2020, Николовски: Оваа репрезентација има и сила и знаење да победи било каде и било кого

Австрија ни беше противник во квалификациите за Европско и не поминавме добро со нив, особено во Скопје, но тие се наша голема шанса, бидејќи во моментов не играат убедливо и целата спортска јавност во Австрија, поддржана од нивните фудбалски легенди е разочарана од играта и системот на селекторот Фода. Сепак, мора да бидеме претпазливи затоа што Алаба и Арнаутовиќ ќе знаат да ги мотивираат своите соиграчи токму против нас.

Вториот противник Украина спаѓа во селекции кои играат тврд фудбал, имаат компактна екипа предводена од англискиот легионери Зинченко и Јармоленко. Доколку тие загубат на првиот меч против Холандија, тогаш мора сите карти да ги фрлат токму против нас, а ние треба да ја искористиме таа шанса и дефинитивно да ги откажеме.

ФФМ им ги врачи билетите за ЕП на вработените од клиниката за Инфективни болести

Последниот противник, Холандија е апсолутен фаворит во групата и на тој натпревар ние нема што да загубиме, туку само да добиеме. Ако можевме со една велесила како што е Германија да се надигруваме и да победиме, тогаш нема зошто и против „лалињата“ да не го повториме истото издание. Не е оваа Холандија како што беше пред 10-15 години. Во последните години немаат некои посебни резултати и знаеја да направат кикс против послаби репрезентации од нашата.

Јас, како и целата македонска спортска јавност сум убеден дека воопшто нема да се посрамотиме на Европското првенство, туку напротив ќе бидеме вистинско освежување на шампионатот и на нашите момци предводени од легендата Горан Пандев, уште еднаш ќе нè направат горди. Со среќа момци!! – се зборовите на Ќириќ.

Хрватите се испокараа пред ЕП, Крамариќ влезе во кавга со селекторот Далиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот