Кина, САД и ОАЕ заеднички разбиле центри за измами во Дубаи
Полициите на Кина, Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати спровеле заедничка акција против мрежа за телекомуникациски и онлајн измами во Дубаи, објави „Глобал тајмс“.
Препорачано
Во операцијата биле разбиени девет измамнички центри, а уапсени се 276 осомничени лица.
Според кинеското Министерство за јавна безбедност, осомничените користеле социјални мрежи за да стапат во контакт со жртвите, најчесто преку лажни романтични врски. Откако ќе ја добиеле нивната доверба, ги убедувале да вложуваат пари во наводни криптовалутни проекти со висок принос.
Жртвите верувале дека станува збор за легитимни инвестиции, но на крајот останувале без пари.
Од кинеското министерство соопштија дека ова е прва ваква заедничка операција меѓу полициите на трите земји и ја оценија како важен резултат во меѓународната борба против онлајн измамите.
Кинеските власти најавија дека ќе продолжат со соработка со други држави за откривање и разбивање на транснационални измамнички мрежи.
Кина во март, на Глобалниот самит за измами во 2026 година, ги претстави своите резултати во борбата против ваквиот криминал и повика на посилна меѓународна соработка против онлајн измамите.


