КФСМ има резервен план доколку се појават проблеми со коронавирусот во мак баскетот

фото: КФСМ

Кошаркарската сезона во Македонија ќе започне на 10. октомври, откако здружението на прволигаши и челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) на вчерашниот состанок се договорија да го пролонгираат стартот на Првата лига за една седмица.

Истовремено беа донесени и неколку заклучоци за тоа како ќе се одвива сезоната доколку се појават случаи на кошаркари позитивни на коронавирус.

Прволигашите и КФСМ се договорија доколку во еден тим има тројца кошаркари позитивни на коронавирус, тогаш тие да се сметаат како повредени играчи, но доколку бројката за заразени биде поголема тогаш е можен и привремен прекин на првенството.

Поради позитивен случај на ковид-19 во екипата на Работнички, целиот тим е во изолација и овој случај има удел во одложувањето на стартот на новата сезона.

Наша иницијатива како Федерација беше да се игра во меур. Со доза на резерва им оставивме на другите спортови да ги започнат своите првенства за да видиме како тоа ќе изгледа кај нив. Во фудбалот не е толку голем проблем бидејќи се игра на отворено, но во како се појавија случаите во ракометот, така ние започнавме да разработуваме планови како да ги заштитиме сите учесници во домашното првенство. Разговаравме со екипите и тие сакаа вака да започне сезоната и да видиме што ќе се случува. Ние како Федерација укажавме на сите опасности, а одлуката на клубовите беше да играат вака. Доколку се појават нови случаи на коронавирус, најдобро ќе биде првенството да се игра во „меур“ – вели Владимир Георгиевски, генералниот секретар на КФСМ.

Прволигашите не го прифатија предлогот на Федерацијата, првенството да стартува по принципот на НБА лигата натпреварите да се играат во „меур“ и одлучија сезоната да стартува на вообичаениот начин.

Ние размислувавме полусезоната да се одигра во затворен систем во ткн. „меур“ каде би се одиграле сите натпревари од првиот дел или евентуално да се играат на неколку локации.
Екипите беа против, можеби повеќе беше во прашање затвореноста на сите актери на подолг период, исто така како проблем можеше да се јави и затвореноста на судиите бидејќи судењето не им е примарна професија.
Во интерес на екипите и на кошарката е да започне првенството, се договоривме да започнеме на овој начин и да видиме како тоа ќе оди, па ќе се носат и другите одлуки во зависнот од ситуацијата. Примарна цел на сите ни е да го завршиме првиот дел од сезоната, а потоа ќе видиме како ќе се одвива состојбата со коронавирусот – смета Георгиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот