Ќе се претворат ли економските санкции на САД во воена акција против Турција? – Слободен печат
ВестиПланета

Ќе се претворат ли економските санкции на САД во воена акција против Турција?

Помпео отфрли да каже која е „црвената линија“ - која акција би предизвикала американски воен одговор, истакнувајќи дека не сака да се „истрчува пред одлуката на претседателот за тоа дали ќе го преземе овој ризичен чекор“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, е подготвен да употреби воена сила доколку тоа е потребно, изјави државниот секретар Мајк Помпео на прашање за кризата во односите со Турција.

Кризата се создаде по турската офанзива на северот од Сирија, каде се наоѓаат Курдите, некогашните американски сојузници во земјата. Трамп, меѓутоа, одлучи да ги повлече американските трупи од Сирија, со што на главните сојузници на САД во борбата против Исламска држава им го сврте грбот.

– Повеќе го сакаме мирот од војната. Но, доколку е потребна „кинетичка акција“ (еуфемизам за активна примена на смртоносна воена сила) или воена акција, треба да се знае дека претседателот Трамп е подготвен да преземе таква акција – рече Помпео во интервју за Си-Ен-Би-Си.

Според американската телевизија, Трамп е под силен притисок поради одлуката да ги повлече американските сили од северот на Сирија и фактот дека ги напушти Курдите. Повлекувањето овозможи напад на Турција во пограничната зона на почетокот на октомври, воени акции во кои загинаа повеќе од 120 цивили, откри сириската Опсерваторија за човекови права.

Помпео отфрли да каже која е „црвената линија“ – која акција би предизвикала американски воен одговор, истакнувајќи дека не сака да се „истрчува пред одлуката на претседателот за тоа дали ќе го преземе овој ризичен чекор“.

– Економската сила ја користевме и сигурно ќе ја користиме. Ќе ги користиме и своите дипломатски сили. Тоа се нашите преференци – рече Помпео.

Стејт департментот одбил да ја коментира изјавата на Помпео, наведува Си-Ен-Би-Си.

Трамп на новинарите на состанок на кабинетот во понеделникот рече дека САД „никогаш не прифатиле доживотно да ги штитат Курдите“.

– Нема да заземаме страна. Нека се борат сами – рекол Трамп.

САД минатата недела воведоа санкции за Турција по нивното воено делување на територијата на Сирија. Претходно, потпретседателот Мајк Пенс објави дека Турција прифатила петдневно прекинување на огнот бидејќи САД овозможиле повлекување на курдските сили од пограничниот регион. По повлекувањето, САД ќе ги укине сакнциите против Турција, рече Пенс.

Помпео во претходно споменатото интервју се обидел да ја покаже разликата во делувањето на сегашниот претседател на САД на Блискиот исток и постапките на неговиот претходник.

Тој своевремено, како конгресмен во САД, остро го критикуваше претседателот Барак Обама дека ја прекршил „црвената линија“ поставена во 2012 година во Сирија, со тоа што не одобрил воена акција против таа држава и покрај доказите дека нејзините сили користеле хемиско оружје.

Бидејќи Трамп вршеше притисок на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да не започне инвазија на северот на Сирија, меѓу другото и со писмо кое Ердоган јавно го фрли во ѓубре, Помпео рече дека делувањето на сегашниот претседател „темелно се разликува“ од она на неговиот претходник Барак Обама.

– Земјата која Турција ја нападна, во која изврши инвазија, Сирија, е суверена држава, но вистина е дека соработувавме со курдските пријатели. Заеднички ја отстранивме заканата од калифатот на Исламска држава, што беше во корист на Демократските сили на Сирија (Курдските сили), во корист на САД и во корист на целиот свет. Во потполност ги исполнивме обврските да соработуваме со нив – посочи Помпео за Си-ен-би-си.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close