Ќе дава ли Општината субвенции за машини за сушење?

Граѓаните искажувајќи неверување дека ваква одлука е донесена, посочуваат на безброј поголеми проблеми со кои секојдневно се соочуваат и кои бараат Општината да им ги реши наместо тоа каде ќе се сушат алиштата.

Многубројни реакции, шеги и потсмешливи коментари беа упатени до првиот човек на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, откако тој објави на својот фејсбук-профил дека со измените на Одлуката за комунален ред, жителите на оваа општина, кои живеат во куќи и имаат дворови што гледаат кон улица или плоштад, повеќе нема да смеат да сушат алишта во двор. Покрај тоа, тие треба да ја одржуваат тревата да не биде повисока од 10 сантиметри, што значи редовно да ја косат. Не им е дозволено ниту да засадуваат во дворовите овошни дрвја чии плодови би ја валкале јавната површина, а забрането е и гранчињата на украсните и жбунести растенија да ја преминуваат линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето.

За непочитување на одредбите од овој член на сопствениците или на корисниците на куќата, комуналниот инспектор на општината или комуналниот редар ќе им изрече глоба според Законот за комуналните дејности.

Известувањето за измените на Одлуката за комунален ред беше проследена и со коментар на градоначалникот.

– Да почнеме со поблагите мерки, со цел доследно спроведување на прописите. За да не стигнеме до казни. Превенција пред репресија – напиша Наумоски на Фејсбук.

Граѓаните во лавината коментари, искажувајќи неверување дека ваква одлука е донесена, посочуваат на безброј поголеми проблеми со кои секојдневно се соочуваат и кои бараат Општината да им ги реши наместо тоа каде ќе се сушат алиштата.

„Наместо дупките накај Даме Груев да ги направиш, ти се фати за алиштата? Сериозно? Фати се за работа, не за маалски шеги“, порачува во коментар еден граѓанин.

„А субвенции за машини за сушење за секоја куќа ќе има?“ прашува на шега Билјана Б.

„Прво да почневте со средување на дупките по улиците во Хром. По 10 минути врнење Хром е Венеција!!! Може за почеток кајчиња да ни дадете да си влеземе дома, па сушењето алишта ќе го средите понатаму“, коментира Ели. Б.

Пред десетина години во Законот за домување, поточно во Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, беше воведена забрана за сушење алишта на тераси.

„Во становите од станбената зграда не треба да се сушат алишта на места што не се определени за таа намена“, стои во членот 24 од правилникот.

И тогаш јавноста се вознемири од ваквата одредба, која во практика никогаш не заживеа. Сега Општина Ѓорче Петров донесе слична одредба за куќите со дворови во Одлуката за комунален ред. Останува да се види колку е возможно во Скопје да се почитува ваква одлука.

АНКЕТА: Ѓорчевци поддржуват „културно“ сушење алишта (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот