Казни за газдите кои ќе ги фрлат домашните миленици: Се подготвува нов, ригорозен закон

Хепи шелтер за бездомни кучиња во Чаир / Фото: Слободен печат

Забрането е неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици. Кучињата и мачките наменети за продажба или давање на подарок не смеат да се чуваат во просториите на продавниците за домашни миленици. Забранета е продажба и давање на подарок домашни миленици на малолетници. Ова се само дел од предлог законските измени на Законот за благосостојба на животните каде се пропишуваат минималните барања за заштита во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежна институција за подготовка на законот за „Слободен печат“ велат дека со овој закон се исполнуваат европските критериуми за регулирање на оваа материја, особено со нормирањето на тестот за социјализација.

Со новиот предлог закон се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашни миленици. Исто така се забранува напуштање на миленици, се забранува трчање или влечење на животни заврзани за моторно превозно средство кое е во движење, како и чување на кучиња постојано врзани на ланец, но и омамување, колење и усмртување на животни во ритуални обреди.

Со предлог законот, сопствениците на кучиња имаат забрана да ги напуштат домашните миленици. Тие се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита од јавен интерес. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.

„Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче, без разлика дали кучето или кучињата чиј е сопственик се опасни или не, а доколку не го сторат тоа ќе треба да платат казна од 30 евра. Кучињата кога се на јавно место треба да бидат врзани на поводник освен кога се на јавни места каде е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на нивните сопствeници. И за ова непочитување следи казна од 30 евра“ се вели во предлог законот.

Од здружението „Анима Мунди“ велат дека со овој закон ќе се воспостави ред на неконтролираното размножување на кучиња. Од таму велат дека кога сите спомнуваат европски држави забораваат да истражат како тие европски држави стигнале до контролирана состојба со бездомни кучиња а задолжителната стерилизација е една од тие мерки што можеби и најмногу би придонела со оглед на тоа дека саканите и несаканите легла се изворот на бездомни кучиња и мачки.

– Со измените ќе имаме регистрирани одгледувачи кои ќе имаат обврска да ги пријавуваат леглата, да ги продаваат уредно регистрирани т.е. чипирани и истите доколку бидат напуштени во иднина сопствениците ке се сносат со санкции. Освен регистрирани одгледувачи никој нема да биде во можност да ги размножува милениците како досега – велат од „Анима Мунди“.

Законот дефинира и кои се опасни кучиња. Тие, според предлогот, се кучиња кои без причина нападнале човек и му нанеле телесни повреди или смрт; кои се затекнати во организирана борба на животни; од одредени раси и нивни мелези кои заради нивните расни карактеристики може да представуваат опасност за луѓето и животните и кои на тестот на социјализација се прогласени за опасни кучиња. Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице. Кучињата кои се затекнати во организирана борба со кучиња ќе се одземаат. Доколку се утврди дека кучето е агресивно, ќе може и да се еутаназира.

„Лајка“ собира улични кучиња низ Карпош

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот