Канадската провинција Алберта распишува референдум за независност
Во оваа провинција, богата со нафта, расте немирното движење за независност, изградено врз долгогодишното чувство дека Алберта е занемарена од носителите на одлуки во Отава.
Канадската провинција Алберта ќе одржи референдум за тоа дали треба да остане во Канада или да продолжи кон второ обврзувачко гласање за отцепување, што претставува прв значаен тест за единството на земјата по неколку децении, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Најавата што вчера ја соопшти премиерката на Алберта, Даниел Смит, доаѓа откако граѓанска петиција со барање за отцепување собра повеќе од 300.000 потписи на почетокот на годината, додека, пак, посебна петиција за останување на Алберта во Канада собра повеќе од 400.000 потписи.
Во оваа богата со нафта провинција расте немирното движење за независност, изградено врз долгогодишното чувство дека Алберта е занемарена од носителите на одлуки во Отава.
Референдумот е закажан за 19 октомври, соопшти премиерката.
Канадскиот премиер: Блиските врски со САД станаа наша најголема слабост
Премиерката Даниел Смит вели дека лично е за останување во федерацијата, но инсистира дека граѓаните мора да имаат право да се изјаснат, особено по судската одлука со која беше запрена проверката на петицијата за независност.
Сепаратистичкото расположение во провинцијата се храни од долгогодишното незадоволство кон Отава, особено околу контролата врз нафтата, гасот и природните ресурси.
Поддржувачите на отцепувањето сметаат дека Алберта дава повеќе отколку што добива.
Сепак, анкетите покажуваат дека мнозинството жители би гласале против независност.
Дури и евентуална победа на таборот за отцепување не би значела брза разделба, бидејќи Канада има строги правила: јасно прашање, јасно мнозинство и долги преговори со федералната влада.


