Камерите на „Сејф сити“ ќе имаат толеранција, но нема да се знае колку ќе толерираат
Со усвојувањето на новите закони поврзани со „Сејф сити“, од 1 февруари, датумот кога е најавено дека системот ќе започне со санкционирање, возачите кои трипати ќе добијат забрана за возење, трајно ќе останат без возачка дозвола, додека пак за неажуриран телефонски број и имејл во станицата за технички преглед предвидена е глоба од 100 евра
Во Собранието вчера се изгласаа речиси сите предлог-закони поврзани со започнување на работењето на системот за санкционирање сообраќајни прекршоци „Сејф сити“. Пратениците ги изгласаа законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот, а неизгласани останаа измените во Законот за прекршоци, кој е на второ читање.
Препорачано
Со овие законски измени целосно е уреден процесот од „снимањето“ на прекршокот, до изрекувањето на најстрогите мерки.
Со усвојувањето на овие закони, од 1 февруари, датумот кога е најавено дека „Сејф сити“ ќе започне со санкционирање, возачите кои трипати ќе добијат забрана за возење, трајно ќе останат без возачка дозвола, додека пак за неажуриран телефонски број и имејл во станицата за технички преглед предвидена е глоба од 100 евра.
Начинот на добивање на казната ќе биде идентичен како оној што во моментов се практикува во двомесечниот тест – период кој го прави МВР – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат СМС на мобилниот телефон и имејл со записник, но по пуштањето во употреба на системот, возачите во електронското сандаче ќе добијат и фотографија од сообраќајниот прекршок. Тие ќе имаат право на жалба пред суд, а доколку глобата ја платат во првите осум дена, ќе платат само половина од вкупниот износ, пракса која е исто така позната за возачите.
Доколку ги смените бројот или е-поштата, а не пријавите, казната е 100 евра
Законски измени има и во Законот за возила. Секој сопственик на возило, ако направил промена на телефонскиот број или на имејлот, во рок од три дена, во станицата за технички преглед, мора да ги ажурира тие податоци. Непочитувањето на оваа обврска ќе се казнува со глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за фирмите – во зависност од нивната големина.
Три забрани за управување возило – одземање на возачката дозвола
Исто така, усвоените закони предвидуваат ригорозни санкции за возачите кои трипати во рок од четири години ќе добијат забрана за управување со возило од иста категорија. Доколку на возач во три наврати му биде одземена дозволата во рок од четири години, судот ќе му ја одземе дозволата, а сторителот на прекршокот нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
Откако судот ќе ја одземе возачката дозвола, одлуката ќе биде испратена до МВР. Потоа, возачот ќе добие СМС или имејл дека дозволата му престанува да важи за осум дена.
Забраната за управување возило што ја определува судот може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби при евентуален обид за возачите кои нема да имаат дозвола да излезат од државата.
Ако забраната му е изречена на возач што има странска дозвола за управување возило, нема да смее да вози на територијата на земјава, а за тоа ќе биде известена и граничната полиција.
Ќе има толеранција на брзина
Новости има и за можеби една од темите со најголем интерес за јавноста – толеранцијата на камерите на „Сејф сити“. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се воведува толеранција при мерењето на брзината, при што од измерената вредност задолжително ќе се одзема маргината на грешка на мерниот уред, но не е наведено колку ќе изнесува маргината на грешка.
Авто-инструкторите ќе полагаат пред комисија на МВР
Се забранува управување возило под дејство на опојни дроги и психотропни супстанции, а новите законски правила донесуваат и дополнителни обврски за автошколите – кандидатите за предавачи, инструктори, контролори и испитувачи на сообраќајни правила да полагаат стручен испит за работа пред комисија во МВР.
Законот ги прецизира и зоните со смирен сообраќај, воведувајќи „зона училиште“ и „зона 30“.
Судот ќе има обрска да го одзема возилото
За тешки дела во сообраќајот, судот задолжително ќе изрекува забрана за возење. Новите законски измени не застануваат само на прекршоците, па така предложени се измени во Кривичниот законик. Тие измени допрва ќе се разгледуваат.
Во однос на Кривичниот законик, предложени се и измени со цел усогласување со горенаведениот пакет закони за „Сејф сити“.
Одредбите пропишуваат дека за тешки дела во сообраќајот, судот задолжително ќе изрекува забрана за возење – од шест месеци, па сè до десет години. Наместо можност, како досега, тоа ќе биде обврска за судот.
Кривичниот законик во одредени случаи му дава можност, а во одредени и обврска на судот да го одземе и возилото од сторителот ако сторил кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, „безобѕирно управување со моторно возило“ и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Камерите до крајот на годинава се шират во нови „безбедни градови“
Доколку сторителот возел со брзина над 70 километри на час во населено место каде што дозволено е 50, или пак надвор од населено место каде дозволената брзина е 70 километри на час, а возачот вози најмалку со 90 километри на час, судот има обврска, а не можност, да ја земе возачката дозвола доколку возачот претходно бил осуден за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај.
„Можност за одземање на возилото е пропишана за случаите кога сторителот возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место. Облигаторно одземање на возилото е предвидено ако возилото е сопственост на сторителот и само доколку тој во моментот на сторување на делото немал право да управува со моторното возило. Ако возилото е во сопственост на трето лице ќе се одземе доколку тоа лице знаело или било должно да знае дека сторителот немал право да управува со моторно возило“, се вели во образложението за измените на КЗ.
Измените во Кривичниот законик пропишуваат и дека учесник во сообраќајот што ќе вози над 1,5 промили алкохол во крвта, ќе вози под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, ќе вози во спротивна насока на јавен пат, ќе претекне колона возила на непрегледно место или ќе вози со значителна брзина над дозволеното, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 3 години, како и со парична казна.
Ваква казна ќе добие и тој што организира, учествува или на друг начин овозможува недозволени трки со возила, како и учесник во сообраќајот што управува моторно возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.
Камерите до крајот на годинава се шират во нови „безбедни градови“


