Кабинетот на Николовски: Борбата против шверцот со тутун ја започна токму оваа Влада

Љупчо Николовски / Фото: Рики Пејковски - Слободен печат.

Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, вечерва соопшти дека најостро реагира на лажните написи на интернет порталот „Лидер” со наслов “ПОЛИТИКА, ПАРИ, ШВЕРЦ: Зелената куќа во Крива Паланка од која се раководи шверцот на тутун” со кои пропагандни структури се обидуваат да ја компромитираат и да ја попречат борбата против корупцијата.

– Вицепремиерот Николовски демантира било каква поврзаност со наведените субјекти и чинители и ги повикува сите граѓани, сите медиуми и сите со каква било информација за нерегуларности во извозот на тутун веднаш да пријават се што имаат до знаење до полицијата и до царината, се наведува во демантот.

Во соопштението на Кабинетот на Николовски се посочува дека спротивно на манипулациите на „Лидер”, во февруари 2021 година, Царинската управа спроведе акции за заплена на нелегален тутун и целосно разоткрила потенцијален шверц со тутун, за што е поднесена и соодветна кривична пријава.

– Тоа се случи уште на почетокот на месец февруари, пред овој случај да биде објавен од ВМРО-ДПМНЕ и од порталот којшто денес се повикува на лажни тврдења од опозициски партии. Да сумираме, неселективно и одлучно, институциите излегоа и констатираа наоди, со соодветни кривични пријави. Не е само овој случај и не е само оваа акција, запленети се 146.278 килограми тутун, внесен во државата како необработен и пуштен незаконски во промет. Поднесени се кривични пријави по основ на неплатена акциза од близу 5 милиони евра, се истакнува во соопштението.

Воедно од Кабинетот на вицепремиерот Николовски посочуваат дека Владата сериозно се занимава со спречување корупција и шверц и токму поради тоа „ги повикува лицето Љупчо Златев и порталот „Лидер”, веднаш да ги пријават сите информации кои докажуваат или укажуваат на каков било евентуален шверц со тутун”.

– Златев и „Лидер” најпрво имаат обврска да го објават овој демант и да се извинат на вицепремиерот Николовски, за дезинформирањето со кое имаа намера јавноста да ја доведат во заблуда за лажна и непостоечка врска на Николовски со наводен шверц на тутун. Во спротивно, за изнесените клевети и лаги, ќе следат соодветни судски тужби, се додава во реакцијата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот