Јустин ги поддржал студентите, го критикувал режимот на Вучиќ: каква судбина го чека владиката кој заврши под истрага?

Додека студентите пешачеа низ Србија, вратите на речиси сите јавни установи и институции беа затворени за нив. Слична беше ситуацијата и со Српската православна црква. Митрополитот Јустин беше меѓу ретките што им ги отвори вратите на храмовите на територијата на својата епархија за младите, што првин предизвика реакции во режимските медиуми, а потоа и во црковниот врв.

Светиот архиерејски синод на 18 февруари донесе одлука да го суспендира архиепископот и митрополит жички Јустин до одржувањето на Соборот. На товар му се става, меѓу другото, дека неовластено основал три стопански друштва – „Трифора ДОО“, „ЈЕЖ ДОО“ и „Винарија на манастирот Студеница ДОО“, дека го прикривал нивното работење и се запишал како нивен вистински сопственик.

Иако врвот на Српската православна црква (СПЦ) тврди дека неговата суспензија не е политички мотивирана и дека нема врска со актуелната општествено-политичка криза, индикативно е што одлуката за истрага и суспензија следуваше набргу откако Јустин јавно го осуди насилството врз демонстрантите во Ужице, а потоа и ги отвори вратите на храмовите за студентите, пишува „Нова“.

Додека студентите пешачеа низ Србија, вратите на речиси сите јавни установи и институции беа затворени за нив. Слична беше ситуацијата и со Српската православна црква. Митрополитот Јустин беше меѓу ретките што им ги отвори вратите на храмовите на територијата на својата епархија за младите, што првин предизвика реакции во режимските медиуми, а потоа и во црковниот врв.

Јустин го привлече вниманието на црковното раководство и порано, кога беше еден од шестемина епископи на СПЦ кои на почетокот на 2025 година јавно им дадоа поддршка на студентите. Тогаш тие ги осудија и пораките на крушевачкиот митрополит Давид, кој студентите ги спореди со усташи.

Отворено го критикуваше режимското насилство

Митрополитот Јустин не се воздржа ни од отворени критики кон власта поради прекумерната употреба на сила.

Неколку дена по 28 јуни 2025 година, граѓаните организираа собири и блокади што беа агресивно растерувани со полициски интервенции. Снимките од полициска тортура и тепање граѓани не го оставија рамнодушен ниту митрополитот жички Јустин, кој преку официјалната интернет-страница им се обрати на претставниците на власта, но и на граѓаните:

„По повод немилите настани што деновиве ги потресуваат градовите во Жичката епархија, заедно со нашето свештенство чувствуваме пастирска должност и обврска да ви се обратиме со зборови на поука и на утеха. Во времиња на јавни потреси и вознемиреност лесно се губи внатрешната мера. Затоа ве повикуваме, како ваши духовни пастири, да останете прибрани и да не дозволите гневот, стравот или која било страст да ги надвладеат разумот, совеста и човечноста меѓу луѓето. Борбата за вистина и правда мора да биде втемелена на внатрешен мир, истрајност и на достоинство“, се наведува во соопштението.

Веднаш ги отстраниле неговите најблиски луѓе

Еден ден по објавувањето на одлуката на Светиот архијерејски синод за суспензија на жичкиот епископ Јустин (Стефановиќ) од должност до мајското заседание на Светиот архијерејски собор и именувањето на нишкиот епископ Арсениј (Главчиќ) за привремен администратор на Жичката епархија, денеска во најголемата епархија во Српската православна црква, која Свети Сава ја основал во 12 век, започнаа промени, објави „Данас“.

Во согласност со одлуката на Синодот, владиката Јустин треба да остане во владичанската резиденција, но веднаш биле отстранети неговите најблиски соработници, дознава „Данас“ од црковни извори. Неговиот личен секретар, протосинѓелот Сава (Илиќ), бил префрлен во средновековниот манастир Рача кај Бајина Башта, задужбина на кралот Драгутин, додека архимандритот Дамјан (Цветковиќ), секретар на Епархијскиот управен одбор на Жичката епархија, бил преместен во манастирот Студеница – задужбина на Стефан Немања, каде претходно бил непожелен како игумен.

Повикувајќи се на извештаите на Комисијата на Патријаршискиот управен одбор, како и на синодските комисии кои од март 2025 до почетокот на февруари 2026 година го проверувале финансиското работење на Жичката епархија, Синодот на владиката Јустин му става на товар „бројни канонски и други црковни прекршоци“. Во соопштението за јавноста се наведува дека владиката Јустин „извршил финансиски злоупотреби во СПЦ, кои повлекуваат и кривична одговорност пред државните органи“.

Бачкиот епископ сака да ја оправда „довербата на Вучиќ“

Ова е едно од најтешките синодски „обвиненија“ во постапките за финансиски злоупотреби што СПЦ ги води од 2010 година наваму, кои по правило завршуваа со канонски спорни разрешувања на суспендираните архијереи на Соборот, што само ги потврдуваше одлуките на Синодот. Првиот таков случај во поновата историја на СПЦ беше против покојниот владика Артемиј, духовен отец на владиката Јустин.

Дали и него го чека истата судбина? Со оглед на односот на силите во Соборот, каде што апсолутно мнозинство контролира бачкиот владика Иринеј (Буловиќ), анализира „Данас“, тешко е да се очекува поинаков исход. Иринеј е член на Синодот и учествувал во истрагите против Јустин, тој е духовен отец на патријархот Порфириј и свеж добитник на Сретенски орден од Александар Вучиќ. Познат како соработник на секоја власт, тој најави дека ќе се труди „да ја оправда укажаната доверба од претседателот“.

Според црковни извори на „Данас“, во тесната спрега меѓу власта и врвот на СПЦ, каде што не е сосем јасно дали поголемо влијание има патријархот или неговиот духовен ментор, шансите митрополитот Јустин да опстане по мајскиот Собор се минимални, особено ако таму нема доволно поддржувачи.

По смртта на т.н. „тројца А“ – Артемиј, Амфилохиј и Атанасиј – во Соборот сè повеќе доминира струјата блиска до новосадскиот круг, што се одразува со молк на Црквата за чувствителните прашања во Србија, пред сè за Косово, а црковни извори неофицијално најавуваат дека Соборот ќе ја потврди смената на Јустин и ќе ја подели Жичката епархија, додека поранешниот свештеник Вукашин Милиќевиќ тврди дека мерките против него се претерано строги, дека вистинска истрага немало и дека одлуката е политички мотивирана, со што, според него, СПЦ се претвора во продолжена рака на власта.

Синодот на СПЦ го суспендираше владиката Јустин – откриени се финансиски неправилности во епархијата Жичка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот