Синодот на СПЦ го суспендираше владиката Јустин – откриени се финансиски неправилности во епархијата Жичка

Светиот архијерејски синод на Српската православна црква донесе одлука да го суспендира митрополит жички Јустин.

„Светиот архијерејски синод на Српската православна црква донесе на седницата одржана на 18 февруари одлука за разрешување од должноста управување со Епархијата жичка на Неговото високопреосвештенство митрополит жички Јустин, до редовното заседание на Светиот архијерејски собор во 2026 година. Истовремено е покрената постапка за утврдување на неговата канонска одговорност“, се наведува.

Одлуката, како што велат, е донесена врз основа на 74. канон на светите Апостоли и член 70 став 1 точки 20 и 35 алинеја б) од Уставот на Српската православна црква.

„За администратор на Епархијата жичка, до претстојното заседание на Соборот, е именувано Неговото високопреосвештенство архиепископот и митрополит нишки Арсеније“.

Како што е наведено во соопштението, во рамки на редовната постапка за преглед на материјално-финансиското работење на епархиите на СПЦ, спроведена врз основа на одлуката на Патријаршискиот управен одбор од 24 октомври 2023 година, надлежните комисии прибрале материјални докази врз основа на кои е утврдено дека митрополитот Јустин сторил бројни канонски и други црковни престапи во управувањето со доверената му Епархија жичка.

Според наводите на Синодот, митрополитот Јустин неовластено основал три трговски друштва – „Trifora doo“, „JEŽ doo“ и „Vinarija manastira Studenice doo“, го прикривал нивното работење и се запишал како нивен вистински сопственик.

Исто така се наведува дека е извршена неовластена продажба на 34 црковни недвижности (станови, деловни простори и други објекти) во Краљево и Чачак.

Во соопштението се додава дека, како што тврди Синодот, биле склучувани повеќемилионски договори спротивно на важечките црковни прописи, вршени неовластени позајмици во повеќемилионски износи на разни трговски друштва во Србија, како и финансиски злоупотреби кои, според наводите на црковните власти, можат да повлечат и кривична одговорност пред државните органи.

Светиот архијерејски синод ги отфрли тврдењата дека митрополитот Јустин е политички прогонуван поради актуелната општествена и политичка состојба во Србија, истакнувајќи дека станува збор исклучиво за внатрешни канонски и црковни прашања во надлежност на црковните органи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот