Јовановски пред утрешната жрепка: Само да ги избегнеме Италија и Португалија

Македонија за прв пат ќе игра во бараж за Светско првенство/фото: Слободен печат/Драган Митрески

В петок (26 ноември) со почеток од 17.00 часот во швајцарскиот Цирих ќе се одржи жрепката преку која најдобрата македонска репрезентација во баражот за пласман на Светското првенство Катар 2022 ќе го дознае ривалот во полуфиналето кое ќе го игра на гостински терен.

Според новите пропозиции на Светската фудбалска куќа (ФИФА) ќе бидат извлечени три групи од по четири репрезентации, нашата А селекција е сместена меѓу неносителите со Турција, Полска, Украина, Австрија и Чешка.

Во полуфиналето (24 март 2022 год.) ќе добиеме ривал од листата на носители, а таму се Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс. Домаќините на трите финални средби (29 март 2022 год.) кои ќе ги дадат последните европски патници за СП ќе бидат исто така одредени со жрепка.

тренинг а репрезентација
Најдобрите македонски фудбалери во обид да испишат нова историја/Фото: ФФМ

За историскиот успех на фудбалерите и неговите желби пред утрешната жрепка зборуваше и поранешниот селектор на нашата А селекција, Ѓоре Јовановски:

– Секој човек што се чувствува барем малку фудбалски веќе е горд на она што го постигнаа играчите. Заслужено, честитки за стручниот штаб, а треба да му се честита и на претходниот стручен штаб кој исто така имаше свој удел во овој голем резултат. Ова е фантастичен успех, огромен резултат, да се дојде до еден бараж во квалификации за Светско првенство не треба многу да се говори, и со самиот факт што во 30 години ниту еднаш не сме биле ни блиску до бараж. Во минатото од пет репрезентации во квалификациите најчесто завршувавме на четвртото место, или на петтото од шест репрезентации – ни изјави Јовановски.

Со победата над Исланд (3:1) го освоивме второто место во квалификациската група „Ј“ и за првпат во нашата фудбалска историја се најдовме во мундијалскиот бараж.

– Фудбалерите докажаа дека имаат карактер, значи психолошкиот натпревар што го играа против Исланд во Скопје, беше воедно и тест за нивната психолошка подготвеност. Знаете како, водите 1:0, па примате гол, по што многу репрезентации психолошки би паднале. Нашите фудбалери го одиграа тој меч на високо ниво и навистина заслужуваат огромни честитки.

Што се однесува до баражот, се наоѓаат многу квалитетни репрезентации, мислам дека најдобро би било да ги избегнеме Италија и Португалија, а против сите останати (Шведска, Русија, Велс и Шкотска) можеме комотно да се носиме. Не победува секогаш поквалитетниот, a нашите фудбалери на крајот на краиштата тоа го покажаа во овие квалификации. Тоа беше примерот против една велесила каква што е Германија. Доколку гледаме исто така по квалитет, и против Романците кои имаат поголем рејтинг, и на двата натпревари во квалификациите буквално ги надигравме – вели Јовановски.

Ангеловски: Во баражот би било многу потешко против Италија или Португалија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот