ВИДЕО: Фудбалерите продолжуваат да испишуваат историја, Македонија ќе игра во мундијалскиот бараж

Фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Фудбалската репрезентација на Македонија испиша нови успешни страници во својата историја и за прв пат ќе играат во баражот за пласман на Светското првенство во Катар кое ќе се игра идната година.

Фудбалерите во последниот натпревар од квалификациите на Националната Арена „Тодор Проески“ го совладаа Исланд со 3:1 и го освоија второто место во групата Ј, кое носи пласман во баражот.

„Рисовите“ сами си ја кроеја судбината бидејќи во последното коло и натпреварот со Исланд, влегоа како второпласирани со еден бод повеќе од Романија, и не зависеа од никого туку само победа ги носеше во баражот и тој испит успешно го решија.


Бремето од императивот да се победи, не се почувствува во првото полувреме во кое избраниците на селекторот Благоја Милевски доминираа. Уште од првиот свиреж на судијата Маса, избраниците на селекторот Милевски тргнаа кон голот на Олафсон и првата закана се случи веќе во втората минута. Трајковски од левата страна влезе во шеснаесетникот на Исланд, но неговиот шут заврши покрај голот.

Фудбалерите одиграа одличен натпревар и сосема заслужено победија/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Веќе во наредниот напад, шутираше и Елмас од работ на шеснаесетникот, но голманот на Исланд, Олафсон ја исфрли топката во корнер. Офанзивната игра вроди со плод во шестата минута кога Езџјан Алиоски и носи водство на Македонија.

До крајот на првиот дел, се редеа шансите пред голот на Олафсон, но резултатот остана непроменет, а во финишот од првиот дел „интервенираше“ ВАР собата која го поништи голот на Чурлинов. Алиоски од работ на шеснаесетникот шутираше, неговиот удар го одбрани Олафсон, а на одбиената топка налета Чурлинов и ја смести топката во мрежа, но беше во милиметарски офсајд поради што судијата Маса не го призна голот.

Македонија квалификациите ги завршува со убедлив триумф/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

На стартот од второто полувреме, шок на Националната Арена „Тодор Проески“, по нафрлената топка во шеснаесетникот на Георгиевски, највисок во скокот беше Бјарнасон кој со глава му асистираше Торстеинсон кој од немаше проблеми да го измрани резултатот во 52 минута.

Голот на Торстеинсон ги шокира „рисовите“ кои во следниот напад можеа да доживеат уште едно непријатно изненадување, но за среќа, контрата на Исланѓаните не заврши со реализација.
Сепак, по неколку минути, избраниците на Милевски полека почнаа да се ослободуваат од шокот и стравот да не се повтори сценариото од првиот натпревар кога Македонија имаше водство од два гола, но на крајот остана без победата. Првата закана кон Олафсон дојде во 60. минута со шутот од слободен удар на Барди, но сигурен беше голманот на гостите.

алиоски
Алиоски го постигна првиот гол на натпреварот/ фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Пет минути подицна, еуфорија на „Тодор Проески“ носи Елиф Елмас. Барди центрираше во шеснаесетникот на Исланд, одбиена топка дојде до Алиоски кој два пати шутира, а од вториот обид, топката дојде до Елмас кој немаше проблеми од неколку метри да ја смести топката во мрежата и да го врати водството.

Во продолжение од натпреварот, фудбалерите малку „нагазија на топката“, го смирија ритамот и темпото. Работата во финишот ја олесни и Јоханесон кој во 79 минута доби втор жолт картон и Исланд остана со играч помалку.

Предноста од играч повеќе, фудбалерите ја искористија во 87 минута кога Елиф Елмас постигна уште еден фанстичен гол со кој ја завери победата и ја однесе Македонија во баражот за Мундијалот во Катар.

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД 3:1 (1:0)
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 17.000. Судија: Давиде Маса (Италија).
Стрелци: Алиоски 6`, Елмас 65` и 87` – Торстеинсон 54`.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски (Зајков 90`), Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Костадинов, Елмас, Чурлинов (Ашковски 64`), Трајковски (Спировски 77`), М. Ристовски (Миовски 77`)
ИСЛАНД: Олафсон, Саеверсон, Гретарсон, Бјарнасон, Тораринсон, Јоханесон, Б. Бјарнасон, Тордардсон, Гудмундсон, Гудјонсен (А. Гудјонсен 72`), Торстеинсон (Хелгасон 72`).

Резултати: 
Македонија – Исланд 3:1
Ерменија -Германија 1:4
Лихтенштајн – Романија 0:2
Табела: Германија 27, Македонија 18, Романија 17, Ерменија 12, Исланд 9, Лихтенптајн 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот