Јавното обвинителство му одговори на австрискиот амбасадор Вуцас: По предметот се постапува ажурно

Јавно Обвинителство / Фото: МИА

По обвинувањата од австрискиот амбасадор Георг Вуцас дека се одолжува процесот за наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма, инвеститор во земјава и неговото барање за смена на судии и обвинители, Јавното обвинителство (ЈО) одговори со информација дека предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје.

„Наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело – Измама и Злоупотреба на службена положба. Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје“, велат од ЈО.

Во меѓувреме, како што доддаваат оттаму, истото правно лице поднело пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители. Пријавата била примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.06.2023 година поднело кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат. Според информацците од ЈО и оваа пријава веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители.

„Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно“, информираат од ЈО.

Австрискиот амбасадор Вуцас, преку допис до медиумите, пред два дена упати жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

Австриската компанија не може да си наплати долг од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „ДЕНА“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“. Во дописот, австрискиот амбасадор наведува дека „Глобал трејд“ е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова. Таа е сопруга на сопственикот на „ДЕНА продукт“, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот.

Заев реагираше со објава дека целосно се оградува од каква било вклученост во споменатиот деловен спор што се води во судовите и соопшти дека ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш неговото име во таква негативна конотација, дека нема друг избор освен да ги тужи за нанесена штета врз честа и угледот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот