Јанис Адетокунбо помеѓу Бостон селтикс и Њујорк никс?
После целосно неочекуваниот трејд на словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ во Лос Анџелес лејкерс, НБА лигата наскоро би можела да објави нова „бомба“.
Препорачано
Еден од водечките НБА инсајдери и аналитичар на ЕСПН, Брајан Виндхорст, ја разбранува американската јавност со тврдењето дека Јанис Адетокунбо би можел да го напушти Милвоки бакс и да го облече дресот на Бостон селтикс.
Тој наведува дека раководството на Бостон ќе се обиде да го ангажира грчкиот интернационалец во обидот да се вратат Селтикс во борбата за шампионскиот трофеј во НБА.
– Мора да пронајдете тимови кои можат да направат трејд за Јанис што Бакс би ја прифатиле, но во исто време тоа мора да биде тим кој е конкурентен за титулата. Мислам дека Бостон е на таа листа. И мислам дека Њујорк е на таа листа. Секако дека нема да биде лесно, како што секогаш е кога директните ривали се обидуваат да направат размена, и тоа е реалноста. Но, постојат тимови на Истокот кои имаат доволен капацитет за такој трејд – рече Виндхорст во емисијата „Get UP“.
Милвоки повторно имаше сезона под очекувањата откако беше елиминиран во првото коло од плеј-офот, иако Адетокунбо повторно покажа со своите бројки дека е еден од најдобрите играчи во НБА. Грчкиот кошаркар имаше просек од 30,5 поени по натпревар (втор во целата НБА) со 11,9 скокови.


