Изгубен е контакт со 23 хуманитарни бродови што пловеа кон Газа
Контактот со 23 бродови кои пловеле кон Газа носејќи хуманитарна помош е изгубен по израелска интервенција во источниот Медитеран, пренесе „Н1“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Организаторите на „Глобал сумуд“ соопштија дека израелските сили пресретнале десет нивни пловила, додека воени бродови се приближувале кон остатокот од групата.
„Воени бродови во моментов ја пресретнуваат нашата група бродови, а израелските сили се качуваат на првите пловила среде ден. Бараме безбеден премин за нашата законска и ненасилна хуманитарна мисија“, објавија организаторите на платформата X.
Израелското Министерство за надворешни работи претходно порача дека нема да дозволи кршење на „законската поморска блокада на Газа“ и ги повика учесниците да го сменат курсот и да се вратат.
Бродовите испловиле во четвртокот од јужна Турција, во трет обид да достават помош за Газа. Претходните обиди завршија со пресретнување од израелските сили во меѓународни води.
Турција ја осуди израелската интервенција и ја нарече „чин на пиратство во меѓународни води“, барајќи меѓународната заедница да реагира и задржаните цивили да бидат ослободени.
Ова не е првпат израелските сили да запрат хуманитарни бродови што се обидувале да стигнат до Газа. Во април, група бродови што тргна од Шпанија беше пресретната, а повеќе од 100 пропалестински активисти беа одведени на Крит. Две лица тогаш биле задржани во Израел.
Во октомври минатата година, израелската војска запре уште една хуманитарна мисија организирана од истата група, при што беа уапсени шведската активистка Грета Тунберг и повеќе од 450 учесници.
Палестинците, хуманитарните организации, Турција и други земји тврдат дека помошта што влегува во Газа и понатаму не е доволна, и покрај прекинот на огнот од октомври, кој предвидуваше зголемување на испораките.
Повеќе од два милиона жители на Газа беа раселени за време на војната, а многумина живеат во оштетени домови, шатори, покрај патишта или меѓу урнатини.
Израел, кој го контролира пристапот до Појасот Газа, негира дека ја ограничува помошта за цивилите. Израелското Министерство за надворешни работи тврди дека од октомври 2025 година во Газа влегле повеќе од 1,58 милиони тони хуманитарна помош и илјадници тони медицински залихи.
Нови интензивни напади на Израел со воени авиони и дронови низ Јужен Либан


