Локални избори 2025 / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Изборни пропусти – како досега

Проблеми со апаратчињата за биометриска идентификација, обиди за поткуп на гласачи, починати лица на Избирачкиот список, затвореници кои што од затвор објавуваат за која партија гласале иако не смеат да имаат телефон, фотографирања на гласачки ливчиња се некои од елементите што и годинава го придружуваа изборниот процес за локалните избори. Покрај ова, на гласачкото ливче некој го изостави логото на граѓанската иницијатива „Независни заедно“.

Долгорочниот мониторинг на „Цивил“ покажа пораст на пријави за организиран превоз, притисоци како и поединечни случаи за сомнежи за поткуп. Портпаролот на политичката партија Левица, Круме Богевски, изјави дека кандидати на партијата за советници добиле телефонски повици од луѓе кои нуделе „списоци на гласачи“ што би гласале за Левица доколку партијата плати вкупно 2.000 евра, односно по 100 евра по лице. Сите вакви провокации биле одбиени и пријавени во полиција.

Имало и починати лица на Избирачкиот список, што на социјалните мрежи го нотираа и неколку новинари кои случајно забележале членови од своите семејства кои се починати – како фигурираат на Избирачкиот список веднаш под нивното име.

Квалитетот на Избирачкиот список повторно беше доведен под знак прашање по повеќекратни граѓански пријави од целата земја за починати лица кои фигурираат како гласачи. Цивил обработи седум случаи во кои се нотираат починати лица во Избирачкиот список, велат од организацијата.

Од МВР за „Слободен печат“ на прашањето зошто имало починати лица на Избирачкиот список,  велат дека при изготвување на избирачки список, МВР до ДИК доставува податоци за државјани на Република Северна Македонија кои ќе се полнолетни на денот на изборите и имаат важечка лична карта или патна исправа.

Надлежна институција за евидентирање на починатите лица е Управата за водење на матични книги.
ДИК ги вкрстува двата списоци и го креира конечниот избирачки список. Министерството за внатрешни работи во своите евиденции ги ажурира податоците за умрени лица согласно добиените известувања од Управата за водење на матични книги, ни одговорија оттаму.

Иако изборниот ден во целина помина мирно и регуларно, сепак беше исполнет со извештаи за низа пропусти, нерегуларности и слабости што не им беа туѓи ниту на изминатите изборни процеси.

Главните наоди на „Цивил“ се доцнење при отворањето и проблеми со фингерпринт апаратите во повеќе општини но и кршење на изборниот молк. Според нив, кршењето на изборниот молк е од толкави размери што  изгледа како да не постои законска забрана за спроведување пропагандни активности. Како на социјалните мрежи, така и во дел од интернет медиумите, но и во физичкиот простор – партиски функционери, па и лидери, кандидати и активисти не престанаа со кампањата во текот на изборниот молк кој, според законот, настапи в петок на полноќ.

Најмалку во пет општини се доцнело со отворање на избирачките места, додека проблеми со фингерпринт апаратите се бележат практично насекаде во земјата, вклучително и во Битола, Кавадарци, Кичево, Шуто Оризари, Аеродром, Сарај, Прилеп, Тетово, Чаир, Бутел, Кисела Вода, Центар и низа други.

„Цивил“ остро реагира на неуспехот на изборната администрација да ги направи сите избирачки места пристапни. Неразбирливо е зошто некои избирачки места се наоѓаат на горниот кат од установите каде што се одвива гласањето, иако има простории и на приземјето од тие објекти.

Тимот на „Цивил“ пресретнал една порака што им била упатувана на „оние што чекаат за вработување” со барање секој од нив да ја изрази својата поддршка за кандидатите на партијата – за време на изборниот молк.

Организиран превоз и притисоци се бележат особено по 15 часот речиси во сите поголеми општини низ земјата. „Цивил“ бележи најмалку еден случај кој вклучува сериозни индиции за поткуп на гласачи во општина Гази Баба. Организацијата ќе го истражи овој случај подетално и ќе излезе со конечен извештај во врска со наводите за изборен поткуп, велат оттаму.

На нивната адреса пристигнале повеќе граѓански пријави за изборен поткуп на повеќе места низ земјата, но организацијата не била во можност да ја верификува точноста на тие пријави. Нивните набљудувачи се соочиле со попречување на работата во Скопје, Кичево, Штип и Тетово.

Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ информира дека регистрирале 29 прекини на гласањето во траење од 15 минути до половина час, во најголем дел поради технички проблеми со апаратите за идентификација. Најмногу прекини се регистрирани на подрачје на СВР Тетово-14, девет на подрачје на СВР Охрид, три во СВР Битола, два во СВР Штип и еден во СВР Струмица.

Пријавени се вкупно 91 настан (СВР Скопје-59, СВР Штип-девет, СВР Битола-шест, СВР Куманово-шест, по четири настани на подрачја на СВР Охрид и СВР Тетово, СВР Струмица-два и СВР Велес-еден). Најголем дел од настаните се однесуваат за агитирање-30, можен поткуп при избори и гласање-29, фотографирање гласачко ливче-пет, лепење плакати и упатени закани-по четири настани.

По преземени мерки, за 42 настани се завршени активностите, од кои за 34 не се потврдени наводите, за еден настан од ОЈО добиени се насоки да се постапи согласно член 190 став 2 од Изборен Законик „фотографирање гласачко ливче”, а ќе следи и кривична пријава за „повреда на тајноста на гласањето”.
Констатирани се два прекршоци за непочитување наредба на ОСЛ или државен орган по ЗППЈРМ и еден прекршок по член 15 од Законот за лична карта.

Лишени од слобода се 11 лица (две лица во Прилеп во врска со поткуп, три лица во Скопје-Бит Пазар во врска со одбивање да се легитимираат и искинато гласачко ливче, по едно лице во Битола и во Кочани во врска со кривично дело „повреда на тајноста на гласањето” и во Охрид четири лица во врска со сторен прекршок „фотографирање гласачко ливче” и пронајден избирачки список и пари), од нив четири лица се ослободени, а седум лица се задржани за понатамошна постапка. Повикани на разговор се шест лица, инфомираат од МВР.

Проблеми за изборите имаа и новинарите. Здружението на новинарите апелираше да се обезбеди почитување и непречена нивна работа на гласачките меса откако им била барана акредитација од ДИК покрај вообичаената новинарска легитимација. Имаше пријава и дека новинарка на „Мета.мк“ на избирачко место во Карпош била спречена да фотографира за потребите на медиумот зашто немала акредитација од ДИК. Во времето кога таа фотографирала, гласањето било „паузирано“, односно на гласачите им било речено да почекаат за наводна заштита на личните податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот