Избори во Германија: Олаф Шолц фаворит за канцелар на Германија

Олаф Полц /Фото: EPA-EFE/RAINER KEUENHOF / POOL

Кандидатот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Олаф Шолц, победи во синоќешната дебата на тројца кандидати за канцелар одржана четири недели пред парламентарните избори во Германија на 26 септември, пренесува Гардијан.

Според анкетата спроведена од Форса, 36 проценти од гласачите веруваат дека Шолц е победник во дебатата, 30 проценти од нив и дадоа предност на кандидатката на Зелените Аналена Баербок, а 25 проценти на лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Армин Лашет.

Кандидатот на конзервативната партија се обиде да даде нов замав во неговата кампања во дебатата во живо со двајцата главни противници, откако анкетите покажаа дека неговата партија заостанува зад СПД и го критикуваше кандидатот на СПД Шолц дека не ја исклучил коалицијата со екстремно левичарската партија Линка, коментираат локалните медиуми.

Изборите во Германија ќе се одржат на 26 септември, кога Ангела Меркел ќе се повлече од функцијата канцелар по 16 години и четири изборни победи. Нејзиното заминување ја ослабна поддршката за конзервативниот блок.

Лашет поголемиот дел од дебатата разменуваше реплики со кандидатката на Зелените Аналена Баербок, која ги обвини ЦДУ и СПД дека прават премалку за борбата против климатските промени, особено со оглед на разорните поплави ова лето.

„Очигледно немате план, која се залага за инсталирање соларни панели на секој покрив и забрана за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2030 година“ рече Баербок.

Лашет, кој беше цел на критики откако беше фатен на камера како се смее за време на посетата на град погоден од поплави минатиот месец, рече дека политиката на Баербок ќе и наштети на германската индустрија.

Министерот за финансии Олаф Шолц, кандидатот на СПД кој води според анкетите, остана мирен во дебатата кога атмосферата се вжешти, фокусирајќи се на финансиски теми како што се даноците и пензиите. Тој вети „општество што го цени почитувањето – почитувањето кон секого”.

– И затоа ни се потребни подобри плати, повисока минимална плата и, се разбира, стабилни пензии, рече тој, додавајќи дека климатските промени предизвикани од човекот мора да престанат и да се обезбеди дека за 10, 20 и 30 години „сè уште ќе имаме добри работни места”.

Поддршката за СПД порасна за два процентни поени на 24 проценти, што е најдобар резултат во последните четири години, покажува анкетата на ИНСА спроведена за Билд ам Зонтаг. Конзервативците паднаа за 1 поен на 21 отсто, што е нивниот најнизок резултат.

И покрај водството во анкетите, на СПД и понатаму и е потребна поддршка од две партии за да може да формира влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот