Ивановски пред дербито со Вардар: Една грешка може да го реши натпреварот
Вечното дерби на Првата македонска фудбалска лига носи со себе товар за двете страни, кои се во жестока борба за превласт со конкурентите, во случајот на Вардар за врвот на табелата, а кај Пелистер за опстанок во лигата.
Препорачано
Гледајќи напред кон натпреварот од 26. коло, тренерот на битолчани Марјан Секуловски говори со респект за противникот, но потсетува дека секој има своја слаба страна.
– Самата позиција на табелата го покажува квалитетот на Вардар. Имаат голем фонд на играчи. Тие кои што играат се или со интернационално искуство или се интернационалци. Како и на секој натпревар, така и на овој, ќе се потрудиме да играме ангажирано и да ги неутрализираме нивните индивидуални и колективни квалитети, а недостатоци секој има. Тие се нашата шанса. До крај на сезоната нема лесен натпревар за Пелистер – вели Секуловски.
Капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски исто така добро ја разбира тежината на дуелот со „црвено-црните“, но потсетува дека оваа сезона нивните победи не беа лесно изборени.
– Реално, нашите дуели се најголемото македонско дерби! Пелистер е цврста екипа, покажавме заби на многу тимови, но од Вардар загубивме со примен гол во финишот на прво полувреме од одбиена топка, како и со еден гол од контранапад што тешко може да се реплицира. Очекувам подеднакво тврд меч, екипата има самодоверба по триумфот над Шкендија која во моментов игра најдобар фудбал во ПМФЛ. Како и секој друг дерби натпревар, може да биде решен од една грешка, од изненадување, па затоа наше е да го дадеме максимумот, па со поддршка на публиката да се обидеме ние да бидеме тие што ќе се радуваат по истекот на 90 минути – се зборовите на Ивановски.
Последната победа на „зелените“ над Вардар со 1:0 е остварена на домашен терен минатата сезона 2024/25. Натпреварот се игра денеска, во вечерен термин и под рефлектори, на новиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, со почеток од 20.00 часот.


