Инстаграм / Фото: Pexels

Истражувањата покажуваат – две недели без социјални мрежи можат да „избришат“ деценија когнитивно стареење

Прекумерната употреба на социјалните мрежи може да предизвика сериозни последици врз менталното здравје, вниманието и меморијата, а новите истражувања покажуваат дека краток „дигитален детокс“ може значително да ја подобри состојбата, пишува „Вашингстон пост“.

Во последните години сè повеќе научници предупредуваат дека зависноста од телефоните и социјалните мрежи не влијае само врз расположението, туку и врз когнитивните способности, при што ефектите кај некои луѓе потсетуваат на забрзано стареење на мозокот.

Едно од најголемите истражувања на оваа тема, објавено во списанието „Пи-ен-ес Нексус“, опфатило 467 учесници со просечна возраст од 32 години. Во текот на 14 дена, испитаниците користеле апликација што им го блокирала интернетот на мобилните телефони, дозволувајќи само повици и пораки.

Резултатите биле изненадувачки: времето поминато онлајн се намалило од 314 на 161 минута дневно, а учесниците покажале подобрување на вниманието, менталното здравје и општата благосостојба. Научниците истакнале дека подобрувањето на концентрацијата било еквивалентно на „бришење“ на околу десет години когнитивно стареење.

Истражувачите забележале и намалување на симптомите на депресија, при што ефектот бил споредлив со когнитивно-бихејвиорална терапија, а во некои случаи и посилен од ефектот на антидепресивите.

Психологот Костадин Кушлев од Универзитетот Џорџтаун вели дека денес речиси сите имаат „донекаде нездрав однос“ со телефоните.

„Телефоните често го прекинуваат нашето внимание за време на разговори, прошетки или дружења, а тоа го намалува квалитетот на искуството и односите со другите луѓе“, објаснил тој.

Научниците посочуваат дека користењето телефон е многу поштетно од користењето компјутер, бидејќи е покомпулсивно и почесто ги прекинува секојдневните активности.

Дополнително истражување на Харвард, објавено во „ЏАМА нетворк опен“, покажало дека дури и една недела намалена употреба на смартфони може да ги намали анксиозноста, депресијата и несоницата.

Експертите предупредуваат дека не постои универзално правило, бидејќи не сите луѓе реагираат исто на социјалните мрежи. Особено ранливи се оние што постојано се споредуваат со другите, имаат нарушен сон или го користат интернетот како замена за реални социјални контакти.

Во тек е и големо меѓународно истражување со повеќе од 8.000 учесници од 23 земји, кое ќе испитува што се случува кога користењето на апликации како ТикТок, Инстаграм, Икс и Фејсбук ќе се ограничи на само пет минути дневно.

ВИДЕО | Бесцелно користела социјални мрежи по 8 часа дневно, па направила 50-дневен детокс и открила како тоа ѝ помогнало

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот