Истовремено се градат повеќе објекти од пречистителната станица на Скопје, институциите тврдат дека ќе биде готова идната година
Пречистителна станица за отпадни води на Скопје се гради, а завршени се една четвртина од предвидените градежни работи. Еден од најважните инфраструктурни објекти за главниот град, кој треба да обезбеди пречистување на отпадните води, кои завршуваат во реката Вардар, започна да се гради пред точно една година. Планиран рок за завршување на изградбата е ноември 2027 година, по што е следуваат две години на пробна работа и обука на операторите, по што со објектот ќе управува градското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, пренесува агенцијата Мета.мк.
Препорачано
Пречистителната станица, која е лоцирана во северо-источниот дел на градот, во Трубарево, веднаш покрај Вардар, ќе биде комплекс на разни технолошки целини со кои ќе се врши третман на отпадните води од градот. Според проектот, ќе се врши примарно механичко пречистување и секундарно биолошко пречистување на отпадната вода. Тињата создадена во процесот ќе биде обработена со издвојување на биогас, а остатокот ќе биде согоруван. Целиот процес ќе предвидува згуснување, варење, сушење и согорување на тињата на лице место.
Марковски: Пречистителната станица за отпадни води е еден од најважните проекти за Скопје
Од „Водовод и Канализација“ велат дека постројката содржи повеќе од 50 различни објекти кои ја сочинуваат целината на технолошките процеси. Во моментот е во тек изградба на повеќе објекти паралелно, а реализацијата во моментот изнесува е околу 25 отсто.
„Ќе бидат применети сите европските директиви за да се исполнат највисоките еколошки критериуми, и ќе се имплементираат напредни технологии за енергетска ефикасност преку искористување на биогасот, отпадната топлина од согорувањето и сончевата енергија, со цел да се обезбеди висока енергетска ефикасност и ниски оперативни трошоци при експлоатацијата,“ велат од „Водовод“.
Процесот на третман на отпадните води дополнително ќе вклучува контрола на мирисите и оптимизација на енергијата, а во рамките на проектот ќе треба да се изведат и приклучоци до главниот канализациски систем, заштита од поплави до локацијата, трафостаници, приклучоци до мрежата и резервни постројки за производство, како и обука на персоналот за работа и одржување на постројките.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека одобрението за градење на Пречистителната станица, која треба да ги опслужи сите десет скопски општини и е димензионирана за над 620.000 жители, беше издадено во март 2025 година, по што во април започна изградбата. Очекуван рок за завршување на изградбата е ноември 2027 година, по што е следуваат две години на пробна работа, до ноември 2029 година, како и период од 12 месеци за известување за дефекти.
Првичниот краен рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше оваа година, а тендерот за изградба беше отпочнат во летото 2020 година, но го следеа бројни застои и одолговлекувања, обвинувања, смени на директори, што предизвика и одложување на почетокот на градежните работи на терен.
Најеколошкиот проект во Скопје се гради „најтајно“: До каде е изградбата на пречистителната станица?


