Пречистителна станица за Скопје во изградба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Најеколошкиот проект во Скопје се гради „најтајно“: До каде е изградбата на пречистителната станица?

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски неодамна во својот отчет сосема накусо го спомна проектот, нагласувајќи дека е откочен најголемиот еколошки проект во историјата на Скопје, вреден околу 185 милиони евра, без да прецизира до која фаза е стигната реализацијата.

До каде е изградбата на капиталниот проект за Скопје, пречистителната станица во Трубарево, со која треба да се овозможи безбеден третман на отпадните води и на тој начин да се стави крај на испуштањето фекалии во Вардар, е тема за која малку се знае во јавноста и за која надлежните институции многу малку информираат.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски неодамна во својот отчет за 100-те дена работа сосема накусо го спомна овој проект.

 Го откочивме најголемиот еколошки проект во историјата на Скопје, пречистителната станица за отпадни води вредна околу 185 милиони евра – рече градоначалникот без да прецизира до која фаза е стигната реализацијата.

Ниту од Град Скопје ниту од ЈП „Водовод и канализација“ досега нема одговор на прашањето до каде е изградбата на станицата.

Пречистителна станица за Скопје во изградба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од друга страна, вчера премиерот Христијан Мицкоски беше во увид на изградбата на пречистителната станица за населените места Кучевишка Бара и Бел Камен, објект проектиран да ги третира отпадните води на 5.000 жители. Пречистените води ќе се испуштаат во колекторот што ќе се изгради до реката Серава.

И во оваа пригода ни збор не беше кажан за станицата што треба да ги прочистува отпадните води на цело Скопје.

Постапката за пречистителната станица започна во декември 2019, кога градоначалник беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 година главниот град ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води, од кои се загадува Вардар.

По Вардар течат фекалии, пречистителната станица сè уште е само во најава

Најмногу врева во јавноста поврзано со овој огромен проектот се крена уште при неговото тендерирање, кога тогашната градоначалничка Данела Арсовска го разреши директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински, затоа што, како што рече, „ги брцнал рацете во медот“.

Перински, како што соопштија официјално од Градот, беше разрешен поради „обиди за влијание што се сметаат за тенденција што ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра за изведба на пречистителна станица“.

Пречистителна станица за Скопје во изградба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Една година подоцна, во 2023-та, беа избрани фирмите што ќе ја градат станицата и беа потпишани договори со домашната „Жикол“ и германската „ВТЕ Васертехник“.

Во јуни минатата година Арсовска се пофали дека Град Скопје го предводи регионот со проектот за пречистителна станица за отпадни води, затоа што изградбата што започнала во исто време со градовите во регионот како Подгорица, Приштина и Бања Лука, кај нас била во најнапредна фаза.

За изградбата на пречистителна станица парите се обезбедени од ЕУ како неповратен грант од 70 милиони евра, за што Владата уште пред три години потпиша договор, додека преостанатите средства од околу 137 милиони евра преку кредит од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.

Напредува изградбата на пречистителната станица во Скопје

Кон крајот на минатиот месец градилиштето го посети претставникот на Европската инвестициска банка Бјорн Габриел, кој изрази задоволство од напредокот во изградбата, која според последните најави треба да биде завршена во наредните неколку години и да започне со работа во 2030 година.

Притоа тој ги охрабри сите инволвирани во проектот да обезбедат сигурно поврзување на сите компоненти за проектот да може да биде испорачан на време.

 Додека се постигнува напредок, ги охрабрувам сите засегнати страни во проектот да работат рака под рака за да се осигурат дека сите поврзани компоненти на проектот можат да бидат испорачани на време. Пречистителната станица за отпадни води во Скопје наскоро ќе може да го покаже своето позитивно влијание во добронамерноста на граѓаните на земјата и нејзината животна средина, рече Габриел.

Пречистителната станица се гради на површина од над 180 илјади метри квадратни, а проектот опфаќа изградба на 58 објекти, од кои повеќето се во фаза на изградба, а вклучуваат пумпна станица за сирова вода со лев и десен колектор што се протега на 1050 м2, објект за прифаќање на површина од 470 м2, таложници за песок и маслофаќачи на површина од 1450 м2 и дигестори што зафаќаат површина од 2000 м2.

Изградба на пречистителна станица во Скопје/ Фото: Скриншот од видео на Данела Арсовска

Пречистителната станица ќе се состои од единица за преттретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година).

Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и да ја прочистува водата за 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2024 година.

Третираната вода според експертите ќе има врвен квалитет, според европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од Вардар да биде помалку загадена.

Покрај тоа, овој проект треба значително да го подобри квалитетот на површинските и подземните води, со што ќе се придонесе за целокупно подобрување на состојбата на животна средина во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот