Исповед на Борче од „Донирај компјутер“: Позитивниот дух ме одржа во борбата со туморот на мозокот!

Борче Стаменов
Фото: Фејсбук, Борче Стаменов

Борче Стаменов е човекот кој стои зад иницијативата „Донирај компјутер“ и кој досега успеа да израдува речиси 1500 семејства од ранливи категории со својата акција за прибирање и донирање половни компјутери.

Но, овој наш локален херој се соочил со навистина сериозен здравствен проблем пред 19 години. Имено, нему му бил дијагностициран тумор на мозокот, а по успешната операција, тој секоја година на 3 март го слави својот втор роденден.

Во продолжение, прочитајте дел од текстот кој тој го објави на неговиот блог:

„Абе цел ден ми забегуе ракава. Сакам да ја стаам у џеп ама некако не оде натаму. Чудна работа. Како да не е моја. Како да има сопствен ум и цел ден ми се инаeти. Веројатно од шо кревам тешки работи?

* Неколку месеци подоцна

Бев на работа и по пат се прашував што е ова шо почна да ми се случува. Стигнав дома и влегов да се туширам. Ја користев само левата рака пошо десната не беше послушна. Раката се играше сама. На мама не ѝ кажав за да не се нервира. Сигурно не беше ништо страшно, се тешев.

Тоа време татко ми и брат ми беа на работа некаде у Грција. Затоа и не сакав да ја плашам пошо знам колку лесно паничи. Навечер нападите беа поинтензивни. Едно време комплетно изгубив контрола на половина рака. Тоа беше невообичаено оти обично само дланката беше онаа која имаше трнење како да има уште едно срце во неа и пумпаше.

Беше доцна, па отидов на прва помош. Стандард шема. Мерење притисок, нормален. Глупави прашања јадеше ли, спиеше ли, да не се нервираш нешто?

…Повеќе бев во чекална кај матичниот, него на работа или дома. И тоа ужасно ме нервираше. Знаеш дека нешто не е во ред, но ништо не можеш да направиш.

…’Не би сакал да те плашам но изгледа дека имаш притисок некаде на левата страна од главата. Нешто притиска на кората од мозокот и ги предизвикува тие напади’, ми кажа докторот.

Се смрзнав. Мозок? Кора? Напади?

‘Не се нервирај и не се плаши. Може и да не е ништо сериозно. Ќе пратам во Скопје кај пријател. Ќе направат ЕЕГ и ќе видиме како понатаму.’

… Добро. Потоа слушнав: ‘Имаш некоја чудна округла форма со прилично широк дијаметар од околу 5,5 сантиметри. Се сомневам на тумор, но ќе биде најдобро да се испита уште еднаш.’

… Експлозија. Си го земав палтото и резултатите и тргнав кон вратата каде и да беше она. По скалите се движеше дух. Гледаш галама околу тебе, ама не слушаш ништо. Одиш некаде, но не знаеш каде.

Позитивниот човек беше удавен некаде длабоко. На позитивниот човек не му текнуваше ниту една шала. Да си ја каже сам и да се насмее без разлика шо шалата веќе ја има чуено. Надвор беше ужасно ладно. Не знам колку време сум одел без да го облечам палтото. Ги држев снимките во рака ама од лутина сум ги смачкал.

Во мозокот ми се вртеше само она како ќе им кажам на моите дома? Шо да им кажам? Како да извртам да не ги мрднам од памет? Немаше лесен начин. Не беше ова грип, па да го прележиш. Ова беше сериозно. Многу сериозно.

За првпат во животот бев уплашен за сопствениот живот. Во цела таа паника бев повеќе исплашен како тоа ќе го поднесат моите дома? Замисли јас имам тумор, а се плашам како тоа моите ќе го поднесат. Како да им кажам?

…Стоев пред станот и тогаш ме рокна. Едвај отклучив и влегов. Рикав како мало дете. Може сум плачел два саата, не знам. Лежев на подот во мојата соба. Беше некаде 12 саат коа си дојдов.

После тоа станав. Се прибрав. Тоа плачењето се исплати да ви кажам. Позитивниот јас успеа да се пробие.

Се јавив прво на девојка ми. Зборував како да имам блага настинка. Се смирив. Се помирив со тоа што ми се случува. Мама ја седнав и ѝ кажав без паника. Ништо лошо нема да се случи. На крај сѐ ќе се заврши добро. Знаев дека сака да вришти, ама ме виде дека сум охрабрен и смирен.

…Операција? Океј. Се свртев. Позади мене стоеше фамилија со ужас во очите. Исплашени до смрт.

‘Шо чекате бе? Одиме на операција’, им викнав насмеан.

…Мојата операција беше закажана за третиот ден, во третиот месец од годината 2003.

…И толку. Останатото е историја. Боре жив. Уште насмеан. Еве и денес толку години по операцијата шо викаше една пријателка, Боре е истиот тој човек кој покрај на своето лице, насмевки црта и на лицата на многумина кои може и не го познаваат. Едноставно го познаваат преку социјалните мрежи.

Мене ме спаси мојот дух. Ме спаси мојата фамилија шо не мрдна од покрај мојот кревет цели 2-3 месеци. Ме спасија моите пријатели кои не ме оставија сам ниту еден момент. Ме спасија способните доктори и цел еден тим човечишта шо повеќе од осум саата ми ‘копаа’ по главата.

…Чудна работа се случи на последниот ден во болницата. Чекав да ми ја дадат отпусната листа и резултатите од биопсијата. И дочекав. Дочекавме сите. Она најтешкото ‘Уф’ кажано од олеснување се случи кога докорот кажа дека сè е во ред.

Туморот комплетно исчистен без можност да се врати. Си го земав ранецот и резултатите во рака и се втурнав кон скалите. И покрај тоа шо не бев у состојба уште да се движам нормално, забрзано одев. Можеби и трчав? Одев како луд наоколу и ја барав вратата. И ја најдов.

Земав воздух длабоко и паднав на колена. Ми се пресекоа нозете. Плачев како мало дете. Плачев од среќа. Или се смеев? Појма неам. Луѓето кои поминуваа се чудеа што ми се случило. Плачев до Катланово. Или до Велес. Не знам. Никој не ми викаше да прекинам. Ќутеа, а знам дека внатре во себе вриштеа од среќа. Им беше сосема јасно. Човекот од кој се смееше цела болница рикаше како да го преживува истиот хорор по вторпат.

Но, хоророт веќе беше далеку позади мене. Го оставив на трети спрат у соба број 4. Веројатно засекогаш!“

ВИДЕО | Стаменов од „Донирај компјутер“: Нашата намера е секое семејство да има барем по еден компјутер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот