Исланд стравува од свој „Брегзит-момент“ на референдумот за ЕУ
Исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир изрази стравување дека нејзината земја се соочува со „Брегзит-момент“ на претстојниот референдум за Европската Унија, во услови на предупредувања за дезинформации, странско мешање и користење на вештачка интелигенција. Три месеци пред изјаснувањето на Исланд за продолжување на пристапните преговори со ЕУ, развојот на настаните внимателно го следат Вашингтон, Москва и Брисел, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Обвинувања за ширење страв
Торгердур Катрин Гунарсдотир обвини поединци и групи во земјата и во странство за „ширење страв“, велејќи дека Исланд е погоден од дезинформации и реторика која изгледа како да е преземена „од прирачникот на Најџел Фараж и партијата Реформ“.
Таа предупреди дека референдумот би можел да стане цел на Русија и на „актери кои настојуваат негативно да влијаат врз нашата јавна расправа“, како и дека странското мешање и дезинформациите би можеле да го решат исходот.
„Стравувам дека ќе се соочиме со Брегзит-момент“, изјави таа за „Гардијан“. „Сметам дека тоа би бил прилично опасен пат бидејќи… заговорниците на Брегзит изнесоа секакви лаги“.
Притоа потсети на спорните бројки за износите што Обединетото Кралство ги уплаќало во буџетот на ЕУ, а кои ги користеше кампањата за излез.
Таа додаде дека Брегзит „треба да биде пример како не се води кампања“, а не нешто што треба да се имитира. „Ништо од тоа што го ветија не се оствари“, рече министерката.
Таа ги повика исландските гласачи „самите да донесат одлука“ и да бидат внимателни со изворите на информации.
Портпаролот на британската партија Реформ Обединето Кралство порача: „Реформ Обединето Кралство нема никаква врска со Исланд“. Тие додадоа: „Им посакуваме сè најдобро во тоа да останат надвор од ЕУ“.
Геополитичка заднина на одлуката
Исландската коалициска влада, составена од левичарските партии Социјалдемократски сојуз и Народна партија, како и либералната Реформска партија од десниот центар, на која ѝ припаѓа и Торгердур, изненади многумина кога во март најави дека референдумот за ЕУ ќе се одржи на 29 август, иако претходно беше кажано дека тоа ќе се случи најдоцна до 2027 година.
Одлуката делумно е мотивирана од заканите на САД, долгогодишен сојузник на Исланд, дека насилно ќе го преземат соседен Гренланд.
„Од моја гледна точка, меѓународниот поредок кој со децении ја поддржуваше нашата безбедност и просперитет е под сериозен притисок. Светот толку решително се промени, би рекла, па Гренланд, секако, влијаеше врз нашата одлука“, рече Торгердур.
Старите сојузи, според нејзините зборови, се на испит, а трговијата се користи како „политичко оружје“.
„Не се однесувате кон пријател и сојузник како Гренланд и Данска онака како што тоа го направија САД на почетокот на оваа година“, рече таа, но нагласи и дека односите на Исланд со САД остануваат цврсти и дека членството во ЕУ не исклучува добри односи со Америка.
Тесна трка и чувствително прашање за рибарството
На референдумот во август Исланѓаните нема да одлучуваат за самиот влез во ЕУ, туку за тоа дали нивната влада треба да ги продолжи пристапните преговори. Исланд првпат поднесе барање за членство во 2009 година, но владата се повлече од преговорите во 2013 година.
Ако граѓаните гласаат за продолжување, а преговорите резултираат со договор, ќе се одржи втор референдум за негово прифаќање. Анкетите покажуваат тесна трка.
Според неодамнешно истражување, 42 отсто од Исланѓаните го поддржуваат продолжувањето на преговорите, додека 39 отсто се против.
Заговорниците го гледаат членството како гаранција за меѓународна безбедност и можност за подобра интеграција, додека противниците предупредуваат на можен негативен ефект врз рибарството, земјоделството и суверенитетот. Рибарството е особено чувствителна тема бидејќи, освен што е клучен извозен производ, е длабоко вкоренето во исландската култура и идентитет.
Предупредувања за вештачката интелигенција
На опасноста од странско мешање предупреди и премиерката Криструн Фростадотир, порачувајќи дека тоа „нема да се толерира, без разлика дали доаѓа од Европската Унија, Кина, Русија или САД“.
И претседателката Хала Томасдотир издаде предупредување, но за опасностите од вештачката интелигенција, за која рече дека „може моментално да произведе содржина што изгледа веродостојно, но е измамничка, да шири непроверени информации со молскавична брзина и да влијае врз нашите мислења“.
Хафстеин Еинарсон, вонреден професор на Универзитетот во Исланд, специјализиран за вештачка интелигенција, смета дека Исланд не е подготвен соодветно да ја информира јавноста за референдумот.
Тој откри дека моделите на вештачка интелигенција на прашања за референдумот на исландски јазик често даваат одговори засновани на неповерливи извори.
„Загрижен сум дека луѓето кои бараат информации ќе го прашаат својот модел на вештачка интелигенција за референдумот, ќе добијат одговор и можеби нема ни да ги проверат изворите бидејќи ѝ веруваат на вештачката интелигенција. Многумина тоа едноставно ќе го прифатат како факт“, рече Еинарсон.


