Искрено со Елена – „Живот со стил“: Посветена сум на домот и најсреќна сум со мојот сопруг

Фото: Приватна архива

Иако сега паузира нејзината „Живот со стил“, нејзиниот ТВ заштитен знак, Елена Најдоски, или претходно Елена Стефановска, вели дека е подготвена следната сезона на телевизија да се врати со поинтересни содржини. Други, поважни нешта сега го окупираат времето на нашата атрактивна водителка. Времето поминато со сопругот Бојан е едно од нив. За него со радост вели дека мајстор во кујната и заемно се изненадуваат со патувања во кои и двајцата уживаат. Елена за првпат искрено зборува за тоа како го запознала Бојан, зошто се вљубила во него, и вели дека не е љубоморен партнер. За Елена и за Бојан би бил најголем благослов ако наскоро станат родители, а ова е дел од нештата што ги открива за „Слободен печат“.

Фото: Приватна архива

Последниве месеци не те гледаме во емисијата што е твој заштитен знак, „Живот со стил“. Од кои причини овој проект не се емитува – или прави пауза?

– Точно е дека оваа сезона ме нема на ТВ-екраните и емисијата „Живот со стил“ зеде заслужен краток одмор. Овој ТВ-проект го работам од 2011 година, во текот на годините емисијата промени неколку концепти, амбиенти на снимање и многу, многу домашни и странски гости, а во последните две сезони интерактивно беа вклучени и гледачите. Тоа што емисијата толку години опстојуваше без пауза е резултат на многу труд, креативност и напорна работа. За подготовка на една емисија и за да биде сѐ така убаво „скоцкано“, мене ми беше потребна цела работна недела. Почувствував дека е потребна пауза, за потоа со нови сили да се вратиме во етер уште поинтересни.

Фото: Приватна архива

Долги години си новинар и познато ТВ-лице. Се сеќаваш ли на твоето прво појавување на телевизија?

– Моето прво ТВ-појавување беше на 7 години на Македонската радио-телевизија во детската емисија „Канал Де“. Уште од мала се чувствував сигурна пред камерите и знаев дека тоа ме исполнува. Со текот на годините, со вклучувањето во повеќе проекти со сѐ посериозен ангажман, се покажа како вистински избор тоа да биде мојата животна определба.

Тежок ли беше твојот професионален пат, имало ли непријатности, моменти кога си мислела дека нема да успееш, има ли неубава приказна што се случила?

– Во секоја кариера, особено телевизиска, е сосема нормално да има подеми и падови, но според мене, најважно е да останеш доследен и сигурен во тоа што го работиш и постојано да се трудиш да бидеш подобар. Имаше период кога поради моето сѐ уште мало искуство во оваа област ми се случувале непријатни ситуации, па дури еден проект што имаше потенцијал згасна токму од тие причини. Меѓутоа, гледано од денешна гледна точка, сѐ се случува со причина, па по научената животна лекција се вратив многу посамоуверена и посилна со многу поуспешен проект, „Живот со стил“.

Фото: Приватна архива

Наголемо се пишуваше за свадбата со Бојан, колку бракот те промени и општо колку животот и навиките ти се сменија откако сте во брак?

– Со Бојан сме заедно 4 години и постепено се навикнувавме еден на друг и можам да кажам дека и двајцата останавме доследни на себе. А клучот за да функционираме успешно кај нас беше што од самиот почеток си ги прифативме сите несовршености. Ниту еден од нас не се трудеше да го промени другиот. Откако сум во брак, моите навики малку се променија во поглед на тоа дека сега сум повеќе ориентирана кон домот и семејството, и најсреќна сум во моментите поминати со мојот сопруг. Често одиме на патувања на различни дестинации што најголем дел се испланирани од Бојан како изненадување за мене, но еднакво уживам во моментите поминати дома, особено кога Бојан ќе зготви некое вкусно јадење. Честопати велам дека ниту готвачите од врвните ресторани не му се рамни, а тој готви со толку многу љубов, иако не е тоа негова професија.

Фото: Приватна архива

Како се запознавте со сопругот, кога се случи оној момент кога посака вашата љубов да трае засекогаш?

– Кога најмалку очекував дека ќе го сретнам човекот на мојот живот, го запознав Бојан во еден скопски локал преку заеднички пријатели. Кратко време се дружевме, излегувавме заедно, но многу рано во нашата врска одлучивме да живееме заедно. Одлуката се случи сосема спонтано и двајцата ја чувствувавме како правилен потег во животот и мислам дека тоа беше моментот кога и двајцата знаевме дека сме еден за друг.

Кои негови човечки квалитети би ги издвоила како најдобри?

– Веќе го споменав готвењето. Но, независно од тоа, Бојан е успешен претприемач. Од многу млад е сериозен и одговорен во својата работа. Тој е столб на нашето домаќинство. Секогаш е тука за мене да ме сослуша и да ми даде поддршка што е особено важно во мојата професија. Погодени сме во тоа што и двајцата сакаме да патуваме и да си приредуваме изненадувања еден на друг.

Фото: Приватна архива

Сега, кога не си активна на ТВ-екраните, те следиме на Инстаграм каде што имаш соработка со одредени брендови што ги рекламираш. Може ли во денешно време да се живее само од тоа?

– Прво на Фејсбук, а потоа на Инстаграм станував постепено сѐ поактивна првично заради промовирање на емисијата „Живот со стил“. Почнав со фотографирање на модните комбинации, шминка и фризура за емисијата, но и со фотографирање мои лични модни комбинации. По природа сум естета, сакам да се дотерувам и ги следам модните трендови. Па така почнав соработка со одредени брендови и тоа стана поинтензивно со зголемување на бројот на следбеници на мојот инстаграм-профил. Така го добив и епитетот инфлуенсер. Можам да кажам дека може добро да се заработува преку дигиталниот маркетинг, секако, само со посветеност и професионален однос.

Фото: Приватна архива

Се замислувате ли како родители во скоро време, го посакувате ли тоа?

– Секако, тоа е најголем благослов за секој брачен пар.

Дали Бојан е љубоморен сопруг, како тој реагира на одредени коментари за тебе на социјалните мрежи?

– Од Бојан имам најголема поддршка за мојата работа и за сѐ во животот. Му годи кога добивам комплименти и досега немам никаква негативна реакција од него.

Фото: Приватна архива

Каква си всушност приватно, како те опишуваат оние што те знаат надвор од камерите и фотографиите на социјалните мрежи?

– Мојот круг на најблиски пријатели се луѓе со кои се дружам долги години, а голем дел од нив се од периодот пред мојата популарност на телевизија и социјалните мрежи. Тие луѓе често ме опишуваат како емотивна, секогаш сум тука за моите пријатели и расположена за дружба. Ме знаат како упорна и вреден работник и силно посветена на моите цели и луѓето што ги сакам.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Искрено со Викторија Јаначковиќ: Родив ќерка, но не се мажам, таткото не е од овие простори

Интервју со Ребека: Маркијан е хиперактивен и не ми дава око да затворам, не прави речиси ништо сам

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот