Иран понуди отворање на Ормускиот Теснец под два услови, а од САД велат дека „црвените линии остануваат непроменети“
Способноста на Иран да го блокира сообраќајот низ Ормускиот Теснец се покажа како стратешка предност во конфликт што често се сведува на исцрпеност. Сега, Иран изјави дека ќе ја прекине контролата врз Ормускиот Теснец под два услови. Едниот е САД да ја прекинат блокадата, а другиот е војната да заврши. Од друга страна, Белата куќа на ова возврати дека „црвените линии на Трамп остануваат непроменети“, пренесе АП.
Препорачано
„Дискусиите за поширокото прашање за нуклеарна програма да се одржат во подоцнежна фаза од преговорите“, изјавија двајца регионални претставници.
Како што пишува АП, американскиот претседател Доналд Трамп ги собрал своите советници на состанок на Советот за безбедност на САД, на кој се разговарало за новата понуда од Иран за прекин на војната, но, сепак, од Белата куќа денес повторија дека позициите на Трамп остануваат непроменети.
„Црвените линии на претседателот Трамп за Иран сè уште се исти и јасни, не само за американската јавност, туку и за Иран. Не би рекла дека го разгледуваат тоа. Мислам дека само дискутираа за темата. Ќе чуете сè за таа тема директно од претседателот“, изјави портпаролката Каролин Левит.
Светските медиумите деновиве пишуваат дека и покрај кревкото примирје, Вашингтон и Техеран остануваат во еден вид ќорсокак околу Ормускиот Теснец, низ кој нормално поминува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас. Блокадата на САД е дизајнирана да го ограничи извозот на нафта на Иран и со тоа да ги намали клучните приходи на земјата, но исто така потенцијално да го принуди Иран да го намали производството поради недостаток на капацитет за складирање. Од друга страна, затворањето на теснецот од Иран создава притисок врз Трамп поради порастот на цените на енергијата пред важните избори, но и врз неговите сојузници во Заливот, кои зависат од оваа рута за извоз.
Последиците од блокадата се чувствуваат глобално – цените на ѓубривата, храната и другите основни производи растат. Предлогот што се дискутираше за време на викендот меѓу иранските и пакистанските функционери бара одложување на разговорите за нуклеарната програма на Иран. Спречувањето на развојот на нуклеарно оружје е една од главните причини што Трамп ги наведе како оправдување за војна. Сето ова се случува во време кога иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, е во Русија, долгогодишен сојузник на Техеран. Не е јасно каква конкретна помош би можел да понуди Владимир Путин, но тој го пофали иранскиот народ и рече дека Русија ќе направи сè за да придонесе за мирот на Блискиот Исток.
Способноста на Иран да го блокира сообраќајот низ Ормускиот Теснец се покажа како една од неговите клучни стратешки предности во конфликт кој често се сведува на исцрпеност. Од почетокот на војната, цените на нафтата продолжија да растат, додека танкерите остануваат заглавени во Персискиот Залив без безбеден премин до глобалните пазари.
Прекинот на огнот меѓу САД и Иран, договорен на 7 април, беше продолжен на неодредено време од Трамп минатата недела, во голема мера со што се запреа борбите. Сепак, трајното решение на конфликтот во кој загинаа илјадници е сè уште далеку. Арагчи разговараше со Путин во Санкт Петербург, нагласувајќи дека тоа е можност да се консултира со руските партнери за тоа како да се продолжи.
Во меѓувреме, Пакистан се обиде да ги обнови разговорите меѓу Иран и САД, но Трамп ја откажа посетата на своите претставници и предложи телефонски разговори. Во текот на викендот, Арагчи ги посети Пакистан и Оман и разговараше со своите колеги од Катар и Саудиска Арабија.
Трамп рече дека Иран поднел „многу подобар“ предлог, иако не даде детали. Тој повтори дека клучниот услов е Иран да не развива нуклеарно оружје. Техеран продолжува да тврди дека неговата програма е исклучиво мирна, додека Вашингтон бара откажување од залихите на високо збогатен ураниум кои, во случај на политичка одлука, би можеле да се користат за изградба на нуклеарна бомба.
Иран му се заблагодари на Пакистан, а потоа повлече линија: Нема договор без прекин на блокадата


